X
 03.04.2016 Образование

Како изгледа животот со аутизам?

Состојбите од спектарот на аутизмот се развојни пореметувања. Личноста со аутизам поинаку ја доживува околината во однос на просечните луѓе. Тоа влијае на нејзините вештини за комуникација и способноста да се поврзат со другите. Причината за појавување на аутизам не е позната, но се верува дека играат улога генетските и факторите на околината во појавата.


Не постојат две личности со идентични симптоми на аутизам, но некои фактори се заеднички за сите. Во најраниот период од животот кај бебињата со оваа состојба се забележува послабо изразување емоции и реагирање. Подоцна, тие потешко се социјализираат, одбегнуваат контакт со очите, не разбираат фацијални изрази, гестикулации и тешко го читаат говорот на тело.

Поради таквите симптоми, децата со пореметување од спектарот на аутизмот порадо сакаат да играат сами. Тие потешко го развиваат јазикот и наместо разбирање на говор, тие само го повторуваат она што го кажуваат другите. Тие често се изразуваат физички, па голем број од нив реагираат со рацете кога се вознемирени или возбудени.

На некои деца со аутизам им е потребна рутина и се вознемируваат кога некој носи промени во нивниот свет. Може да бидат премногу чувствителни или да не бидат чувствителни на стимулации како звук, допир, вкус и мирис, што нивното секојдневие го прави многу стресно.

Аутизмот влијае и на когнитивните способности, па околу 70% од децата имаат невербален коефициент на интелигенција од 70 или понизок, додека 100 се смета за просечен коефициент.

Аспергеровиот синдром е еден од облиците на аутизмот кој се поврзува со натпросечната интелигенција. Луѓето со оваа состојба имаат помалку проблеми со говорот, но потешко го „читаат“ јазикот на знаците. Лицата со аутизам неретко имаат и пореметување на вниманието, хиперактивност, анксиозност или депресија.

Точниот податок на бројот на личности со аутизам во Македонија не постои, но според европската статистика, се работи за еден процент од населението. Меѓу нив повеќе се мажи отколку жени. Аутизмот најчесто се дијагностицира во раното детство или меѓу шестата и 12-та година.

Личностите со ова пореметување остануваат цел живот, а многу го гледаат тоа како важен дел од својот идентитет. Нивните комуникациски способности може да се поправат во голема мера, како и способноста за читање емоции кај другите луѓе. Семејството и пријателите на личностите со аутизам може да ѝ помогнат така што ќе имаат разбирање и трпение.

Меѓународнста асоцијација за аутизам во Европа има долгорочна кампања со цел да ги повика граѓаните подобро да разберат како изгледа да се живее со аутизам. Во рамки на кампањата, чија тема е „почит, прифаќање, инклузија“, граѓаните се повикани да подигнат свест на симболичен начин со носење знак за промовирање на вклучувањето и учеството на лицата со аутизам во општеството.

Оваа меѓународна асоцијација спојува над 80 организации кои се занимаваат со заштита на правата на лицата со аутизам.

- Покрај тоа што денес многумина имаат свест за аутизмот, многу маку луѓе разбираат што значи да се живее како личноста со пореметување од аутистичниот спектар. Овој недостаток на разбирање создава пречки во ставовите и недостаток на поддршка, што го отежнуваат вклучувањето на лицата со аутизмот во општеството - се наведува во соопштението од асоцијацијата.

Така, лицата со аутизам често се соочуваат со изолација во своите локални заедници, како и во општеството, генерално, што ја зголемува дискриминацијата со која се соочуваат во многу области од животот. Асоцијацијата ја нагласува клучната улога која може да ја одигра секој човек кога станува збор за отстранување на некои од клучните пречки за инклузија со кои се соочуваат личностите со аутизам.

Светски ден на аутизмот е 2 април, а тој е прогласен од Обединетите нации во 2007 година како ден за посветување внимание на ургентните потреби на луѓето со аутизам ширум светот. Клучните пораки на овогодинешната кампања се дека 1,1% од вкупното население има некаков облик пореметување од овој спектар и дека разбирањето на лицата со аутизам е првиот чекор кон пристапувањето во инклузивното општество.

- Размислете за тоа како вашата заедница, работната околина, училиштата може пријателски да им дадат шанса на лицата со аутизам да ги покажат своите вистински можности - наведува асоцијацијата.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование