X
 31.10.2019 Наша тема

Кога бев студент со проф. д-р Владимир Трајковски: Интерната медицина ми беше прва љубов, ама татко ми не беше професор, па немаше место за мене на клиника

Во основа сум индивидуалец и сам ги подготвував испитите. Но многу се дружевме. Правевме приватни забави. Во мое време беше „селски“ да се сликате по кафулиња дека сте излезени, затоа и немаме многу фотографии, вели универзитетскиот професор Владимир Трајковски во „Кога бев студент“, рубрика што ја работиме заедно со „Пивара Скопје“


На летување со друштво (лево) и маскенбал во Скопје во дискотека МНТ заедно со другарите Филип и Андреј (1991)

Немал дилема дека медицината е вистински избор за него. Проф. д-р Владимир Трајковски повеќе од 22 години предава на Институтот за дефектологија (од поново Институт за специјална едукација и рехабилитација). Иако клиничката медицина му била најмногу при срце, тој се насочил кон проблематиката на аутизмот, област за која вели дека уште во тоа време се гледало дека ќе има подем во светот, а за која многу малку се знаело. Медицинскиот факултет го завршил за 5 години и три месеци, што е огромен успех ако се знае дека овие студии во тоа време траеле по шест години.


Од апсолвентското табло

Првенец на генерација во средно

Посветен на студиите, но и на другарството, Трајковски бил првенец на генерација во средното медицинско училиште. Вели дека малку се двоумел дали да се запише во гимназија, но не згрешил во изборот. Пораснал меѓу многу медицински лица, неговиот татко бил лекар, доктори имал и во поширока фамилија, а мајка му работела во Воена болница, како социјален работник долги години.


Предиспитни вежби по биологија (1989)

Ниту го форсирале на медицина ниту му се мешале. Од семејството добил само поддршка, за што е многу благодарен.
- Во тоа време имаше приемни испити, полагавме биологија и хемија. Уште во средно одев по натпревари и ги владеев тие предмети. Освојував први места и во Македонија, а и на ниво на Југославија, особено по хемија. Биологија ми беше омилен предмет, но не одев на натпревари бидејќи едноставно не можев да постигнам. Како куриозитет за младите денес, тогаш учевме со пеколен ритам за да положиме приемен испит. Имав 96,2 поени и тоа беше втор најдобар резултат. Цела ноќ ги чекавме резултатите пред Медицински, без родители. Многу ми е незрело кога ќе видам денес на нашиот факултет дека доаѓаат матуранти со нивните родители за да поднесат документи за упис - вели Трајковски.


Предновогодишна забава со колеги (1988)

Просек 10 имал на клиничките предмети, кои најмногу му лежеле на срце. Откако дипломирал во 1994, волонтирал на две клиники. Прва љубов му била интерната медицина, втора – хирургијата, трета – психијатријата.
- Но, за жал, бидејќи татко ми не беше професор на Медицинскиот факултет, а и немав партија што стои зад мене, не влегов на некоја од клиниките. Во тоа време (1997 година) излезе дека на Филозофскиот факултет, Институтот за дефектологија, бараа млад асистент по хумана генетика и решив да конкурирам. Се пријавивме десет колеги оти бараа исклучиво доктори по медицина и ме примија. Не ми се исполни желбата да работам клиничка медицина - вели професорот.


На летување со друштво

Испити подготвувал на клиниките

Оценките му биле важни, но никогаш не поништувал оценка, имал дури и една осумка. Испити што ги памети за кои морал посебно да се потруди биле анатомија и патофизиологија и на нив не добил 10. Тие биле најобемни и најтешки за совладување.
- Беше интересно што попладнињата и вечерите одев на дежурства иако спремав испити по клиничките предмети. Кај проф. д-р Бранка Крстевска, на пример, одев на Клиниката за ендокринологија. На Клиниката за инфектологија кога имаше епидемија на морбили, многу поголема од оваа сега. Како дете имав прележано и одев и на самото место ги подготвував испитите. Проф. д-р Тихомир Крцковски прв ме прими да волонтирам на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија и му бев прв асистент. Му асистирав на околу 250 операции - се потсетува професорот.


Диџеј Wats во кафулето „Тунел"

Плејада професори нема никогаш да ги заборави. Вели дека на предавањата кај професорот по психијатрија, Миодраг Мицев, доаѓале да слушаат и негови другари кои немале никаква допирна точка со областа.
- Одличен професор беше мојот ментор на докторатот, Мирко Спироски, кој предаваше физиологија. Тој подоцна го формира и Институтот за имунобиологија и хумана генетика. Професорите од патофизиологија ги паметам по тоа што беа строги, имаа стаменост, беше раритет да се помине испит на прва, а имаше студенти што полагаа и по 10 години кај нив. Професорот Кочо Чакаларовски од интерна медицина беше жива енциклопедија. Тој ми беше ментор на магистерскиот труд - се потсетува Трајковски.



Признава дека студентските, заедно со средношколските денови му биле најубавите. Се дружел со колегите, но не учеле многу заедно, освен на колоквиумите по остеологија и испитот по анатомија.
- Во основа сум индивидуалец и сам ги подготвував испитите. Но, многу се дружевме. Правевме приватни забави. Во мое време беше „селски“ да се сликате по кафулиња дека сте излезени, затоа и немаме многу фотографии. Планинаревме на Водно, пешачевме... Излегувавме во „Тропикана“, „Мејк ап“, „Матиник“, МНТ, „Хард рок“, „Манда“, „Аполон“, „Булевар“... до 6 наутро. Не бев најредовен на забавите, барем не како моите пријатели кои многу излегуваа. Кога подготвував испити, се случуваше и по три недели да не излезам. Другарите знаеја да ми забележат, ама не им попуштав. За распусти шетав повеќе – објаснува професорот.


Одмор со друштво

Сакал да пушта музика на забавите

До ден-денес задржал некои пријателства од факултет. На најблискиот другар кој сега живее во САД му бил старосват.
Многу сакал да пушта музика на забавите.
- При крајот на студиите еден од моите другари - Андреј Андреев, а подоцна и Александар Караев почнаа да го работат кафулето „Тунел“. И тука пуштавме музика и со Андреј Жерновски, кој ми беше другар од основно училиште. Тогаш меракот беше голем за диџејството. Специјалист бев за екс-ју музиката - се смее Трајковски.
Заедно со колешка бил главен организатор и на апсолвентската вечер во Охрид. Поради војната во Босна и Херцеговина, не заминале на апсолвентско патување некаде во Европа.


Проф.Трајковски со татко му Ефтим и сестра му Татјана

По дипломирањето запишал и магистерски студии на Клиниката за нефрологија, а ја работел темата „Смртност на пациентите со акутна бубрежна инсуфициенција“.
- Кога излезе конкурсот на Институтот за дефектологија, увидов дека никој не се занимавал со аутизмот, мислам дека имаше еден напишан труд, а и претпоставив дека аутизмот ќе биде важна работа и не згрешив. Сфатив дека тоа е оригинално, дека ќе има примена. Ме поддржаа проф. д-р Љупчо Ајдински и проф. Мирко Спироски за да формираме Македонско научно здружение за аутизам – вели професорот.


Со мајка му Љубица во нивниот дом

На прашањето дали денес е многу различно студирањето, тој е категоричен дека го повредува што критериумите се страшно спуштени.
- Јас сум 25 години доктор по медицина. Има огромна разлика и на самиот Медицински факултет се создава понеквалитетен кадар. Некогаш се знаеше кој може да стане магистер, на пример, но пазарната економија, нелојалната конкуренција, мноштвото приватни факултети ги руинира тие критериуми. Јас се борам, ама изгледа сум поединец. Не сум им многу омилен на студентите, бидејќи сум релативно строг и често знаат и со комисија да полагаат мој предмет - вели проф.д-р Трајковски.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема