Еден научник од Хонгконг развил технологија за скенирање на мрежницата кај деца на возраст од најмалку шест години што може да овозможи рано откривање на аутизмот или на ризик од развој на болеста и се надева дека ќе развие комерцијален уред до крајот на годината.
- Скенирањето на мрежницата може да даде значителен придонес во раното откривање на аутизмот и резултатот од третманот на децата - вели Бени Зи, професор на Кинескиот универзитет во Хонгконг.
- Важно е да се почне со интервенцијата рано бидејќи децата сè уште растат и се развиваат, што значи дека шансите за успех се поголеми - вели Зи.
Технологија за откривање и препознавање деца подложни на развој на аутизам
Неговиот метод користи камера со висока резолуција со нова компјутерска програма која анализира комбинација на фактори, вклучувајќи слоеви на влакна, како и крвни садови во окото.
- Технологијата може да се искористи за откривање и идентификување деца кои се подложни на развој на аутизам со цел да ги вклучат во програмите за лекување што е можно побрзо - објаснува Зи.
Како дел од употребата на новата технологија биле тестирани 70 деца, од кои на 46 веќе им бил дијагностициран аутизам, а во контролната група имало 24 деца.
Фото: Freepik
Технологијата на Зи успеала да открие деца со аутизам во 95,7 отсто од случаите. Просечната возраст на испитаните деца била 13 години, а најмладиот учесник во студијата имал шест години.
Експертите го поздравуваат откритието
Експертите за аутизам ги поздравија откритијата на овој научник, но велат дека сè уште постои голема стигма кога станува збор за аутизмот бидејќи многу родители не сакаат да го прифатат фактот дека нивното дете има аутизам, дури и кога има многу јасни сигнали за тоа.
- Многу родители првично го негираат постоењето на аутизмот кај нивното дете - вели д-р Калеб Најт, кој управува со приватен центар за терапија на деца со аутизам.
- Ако постоеше медицински тест или биолошки маркер како овој, тоа би можело да им олесни на родителите да ја прифатат дијагнозата за аутизам за детето побрзо да добие медицинска помош - додава тој.
Децата со аутизам треба да почекаат околу 80 недели за да дојдат на ред и да се консултираат со експерт од јавниот медицински сектор, се вели во соопштението од владата на Хонгконг.
Зи вели дека целта на неговото истражување е да обезбеди дополнителна стручна алатка за професионална процена што ќе ја користат лиценцирани здравствени работници.
Резултатите од неговото откритие биле објавени во стручното медицинско списание „Еклиникал медисин“.
Извор:
Reuters
Фото: Freepik