X
 13.04.2016 Живот

Владеење на правото наспроти злоупотреба на правото!


 
Во последниве неколку години сведоци сме дека во Република Македонија се оспорува правниот карактер на правото, односно неговата валидност. Имено, ставањето на правото како штиш за заштита на поединечни а не на државни интереси е груба злоупотреба и кршење на самата идеја за владеење на правото и за изградба на правна држава!

Владеењето на правото, според член 8 од Уставот, е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Но, колку во нашата држава владее овој принцип на модерниот конституционализам е знак прашање!

Правото мора да биде почитувано од страна на сите граѓани на една држава и да важи за сите подеднакво, бидејќи селективното почитување и селективната примена на правото го изобличуваат неговиот дух и идеал. Правораздавањето мора да се применува на сите граѓани еднакво, бидејќи сите ние сме еднакви пред Уставот и законите на државата! Сепак, повеќе од очигледно е дека не сме сите рамноправни, односно дека некои се поеднакви од еднаквите. А кога тоа се случува не можеме повеќе да зборуваме и да веруваме во правото, односно во правната држава, во поширока смисла на зборот.

Што треба да превземеме за работите да ги вратиме на правилниот колосек?

Сѐ додека не постигнеме состојба на заштита на загарантираните права на граѓаните, на контрола и ограничување на власта, односно не се постигне еден меѓусебен респект меѓу власта и граѓаните како што вели Л. Брејшир „со посредство на законите“ сѐ дотогаш не можеме да зборуваме „за општество со цврста вкоренета традиција на владеење на правото и кое е подготвено да се бори за вредностите вградени во системот“ (Мукоска – Чинго, Уставно судство (теорија и практика), 2002, 112).

Потребно е постоење на неколку основни постулати за да може да се зборува дека во една држава постои владеење на правото. Тоа се: „прво, примарно значење на човековите слободи и права; второ, постоење на ограничена државна власт; трето, поделба на власта на законодавна, изврша и судска; четврто, постоење на независно судство и петто, правна сигурност на човекот и граѓанинот. (Шкариќ и Силјановска-Давкова, Уставно право, 2009, 321)“.

Без постоење на овие основни постулати, не постои ниту владеење на правото. Вистинско владеење на правото ќе имаме кога ќе создадеме политички систем кој ќе има граѓанска душа, систем во кој ќе владее правичноста и праведноста, односно систем во кој ќе владее слободната индивидуа.

Република Македонија се соочува со неколку крупни предизвици, меѓу кои би ги набројал: непочитување и кршење на основните човекови права и слободи во неколку сфери; постоењето на формална, но не и на фактичка поделеност на трите власти (законодавна, извршна и судска); недовербата на граѓаните во институциите на системот, а со тоа и постојаното чувство на несигурност кај граѓаните; сраснатоста на партијата со државата, односно (зло)употреба на државните институции и апарати за партиски активности и промоции.

Сите овие предизвици мора да бидат надминати, за да се овозможи да имаме вистинска слобода за каква што пишуваше Исаија Берлин, за да имаме правна држава во кој слободата на човекот во општеството ќе биде темелот врз којшто ќе се изградува самата правна држава и за да постои владеење на правото како облик на слободата на човекот!

Никој не може да биде арбитрерно третиран туку само врз основа на нормите, законите и законита постапка и правата загарантирани со уставот. Во системот на владеење на правото постои еднаков пристап или еднаков третман без оглед на положбата што некој ја има во власта. Системот на владеење на правото не може да и не смее да дозволи обичниот граѓанин да биде предмет на манипулација на власта а функционерот априори заштитен и неприкосновен. Доколку постои таква состојба далеку сме од системот на владеење на правото и се наоѓаме сѐ уште во менталните матрици на идеологијата и психологијата на еден надминат догматски систем и начин на живеење препознатлив од нашето не така далечо минато (Мукоска – Чинго, Уставно судство (теорија и практика), 2002, 112).

Автор: М-р Илија Јованов

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот