Кога политичката сцена во Македонија зоврива, наставници и професори од
училиштата стануваат „топовско месо“ на политичките партии. Иако никој јавно не
говори за заканите и уцените упатени до голем дел од нив, одвреме навреме ќе
излезе информација за испратени електронски пораки или СМС пораки да се
појават на нечиј митинг или состанок. Наставници не информираа дека им се
упатуваат пораки за преместување на друго работно место, па и закани за откази
ако не постапат согласно упатствата на одредена политичка партија. Дека
политиката не ги трга рацете од образованието, а тоа создава поделеност како
никогаш досега, сведочат многу наставници, а ова е став и на дел од социолозите.
- Имам вистинска среќа што не мора да слугувам на политичка партија, а тешко на
оние кои мора да го прават тоа поради притисоци и закани. Има колеги кои не
може да си ја вршат својата работа од разноразни ангажмани за политичките
партии. Иако не сум сведок лично, сум слушнала дека мора да се појават на
митинг, да донесат гласачи кога има избори и сл. Веројатно се срамат од тоа, па
затоа и не говорат јавно. Ние сме интелектуалци и секако дека имаме право да
искажеме свој став, да бидеме членови или симпатизери на одредена политичка
партија, но никако тоа не смее да се остварува на сила и со закани, туку треба да
е лична определба - вели наставничка од основно училиште.
Емил Сулејмани, социолог и професор на Педагошкиот факултет во Скопје вели
дека политиката е навлезена во секоја сфера на општеството, па и во
образованието, а тоа остава делекусежни последици.
- Имам впечаток дека посебно се исполитизирани сферите кои се под државна
капа, а тука е и образованието.Наша интенција како професори и социлози е да
имаме образование ослободено од стегите на политиката. Ефикасно и успешно
образование треба да е деполитризрано во секоја смисла. Тоа треба да диши
слободно, наставниците да имаат комплетна слобода, да се остават на раат
бидејќи се столб на нашето општество. На нив им ги доверуваме децата, а има ли
нешто посвето од тоа - вели Сулејмани.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека ниту еден наставник не се
пожалил кај нив дека трпи притисоци од политичките партии за било какви цели.
Потенцира дека отказ може да се добие согласно Закон за работни односи.
- Се знае како и зошто се добива отказ и затоа никој не треба да подлегнува на
било какви притисоци ако се сочува со такво нешто. Наставниците се заштитени
со Законот за работни односи. Тие се граѓани на оваа земја и имаат право да
искажат своја политичка волја, но не во училиштето - вели Неделков.