Тие се учители, наставници и професори кои внесуваат нешто ново во училиштето во кое предавале. Тие се револуционери, борци против системот, хуманитарци и мотиватори.
Во продолжение се повеќе или помалку познати филмови за наставниците кои на некој начин ги поставуваат актуелните прашања за филозофијата на образованието и воспитанието.
1. „To Sir, with Love“, 1967
Базиран на романот на Е. Р. Брејтвејт, во режија на Џејмс Клевел, британскиот филм „To Sir, with Love“ претставува едно од постарите остварувања на оваа тематика.
Централната наставничка фигура е Марк Такери, кој се одлучува да се вработи како наставник додека ја чека „вистинската работа“, а одделението во кое предава е решено да не дозволи никаков авторитет. Низ тактика и однесување кон учениците како кон одговорни возрасни индивидуи, Такери се обидува да воспостави баланс помеѓу дисциплината и довербата, учејќи ги учениците на животните вредности. Неговите неконвенционални методи наидуваат на сомнеж кај колегите, кои мислат дека таквите напори се залудни, па Такери го сместуваат во категорија на наставници револуционери, кои созреваат заедно со своите ученици.
Од неговата првична реакција: „Овие деца се инкарнација на ѓаволот“, до тажната завршна песна „До господинот, со љубов“ што учениците ја пеат на крајот, се развива оваа филмска приказна без претерана драма, но со јасно проблематизирање на прашањето што значи да си добар учител.
2. „Специјално воспитување“, 1977
Со својата силна порака со која се преиспитува филозофијата на воспитување, филмот „Специјално воспитување“ на режисерот Гордан Марковиќ е еден од најдобрите што се занимаваат со оваа тематика. Јунакот-воспитувач Жарко Мунижаба се обидува на неговите штитеници да им пристапи на различен начин. Меѓутоа, со овој начин не се согласува психологот.
Филмот совршено ја прикажува другата страна на младешката деликвентска приказна.
3. „Stand and Deliver“, 1988
Филмот е во режија на Рамон Менендез и бил работен според вистинска приказна за наставникот по математика Хаиме Ескаланте, кој правел „чудо“ од маргинализираните средношколци од сиромашни семејства.
Ескаланте во филмот е прикажан како шармантен и авторитативен наставник, кој во ниту еден момент не се обесхрабрува од незаинтересираните ученици. Користејќи го неговиот жаргон и поставувајќи другарски однос со учениците, Ескаланте користи неконвенционални методи во подучувањето математика: тој глуми, демонстрира и не прифаќа не.
Овој филм ја прикажува дискриминацијата, укажува на дупките во училишниот систем и порачува дека за сите ученици има надеж.
4. „Dead Poets Society“, 1989
Најпознатиот и можеби најомилениот филм од оваа категорија, во фантастична режија на Питер Вир.
Фигурата на наставникот револуционер може да се најде во професорот Китинг, низ автентичниот шарм на Робин Вилијамс. Филозофијата на образованието и воспитанието овде е развиена со голем драмски ефект.
Во традиционален училишен систем, професорот по книжевност Џон Китинг отстапува од воспоставената наставна програма, учејќи ги своите ученици најпрво да бидат слободни мислители.
5. „Scent of a woman“, 1992
Ако ја немате гледано оваа силна филмска драма на Мартин Брест што ја слави убавината на живеење, со брилијантно одиграна улога на Ал Пачино и Крис Одонел, најтопло ви ја препорачуваме.
Средношколецот Чарли Симс по случај на околности станува сведок на неумесна шега. Управникот се обидува да го поткупи Чарли, ветувајќи дека ќе му помогне да се запише на „Харвард“.
Чарли треба да размисли за оваа примамлива понуда и тогаш почнува неочекуваната авантура со слепиот пензиониран полковник Слејд, за кој треба да се грижи во текот на празниците. Полковникот го носи со себе во Њујорк, а на тоа патување и двајцата учат еден од друг.
Иако Слејд не е формално наставник, туку еден вид ментор на Чарли, сепак тој застанува против корумпираниот училиштен систем на дисциплинското сослушување, пред полн аудиториум и комисија.
6. „Dangerous Minds“, 1995
Филмот „Dangerous Minds“ претставува адаптација на книгата на Луен Џонсон, која сама лично го доживеала искуството.
Учениците се деца кои на училиште се нарекуваат социјален проблем, а за работата да биде уште поинтересна, професорката револуционер е поранешен маринец, која доживува првобитен шок кога настапува во целосно распуштено одделение.
И покрај тоа што се двоуми, таа сепак одлучува да остане и да го води класот. Речениците: „Јас сум маринец“ и „Дали некој знае карате“ напишани на табла им го привлекоа вниманието на незаинтересираните, а изјавата дека засега сите имаат петки, но од нив зависи дали ќе ги задржат, претставува тактика обратна од принципот на казнување.
Чекор по чекор, таа успева да ги заинтересира и за анализа на поезијата, но истовремено се бори со системот, кој е глув за потребите на учениците. Тоа е систем во кој е „опасно да се има трудница во одделението“, без оглед на нејзиниот потенцијал, и во кој ученикот е убиен бидејќи по наговорување на професорката оди кај директорот да ја пријави личноста што му се заканува, меѓутоа, претходно не чукнал на вратата.
7. „Music of the heart“, 1995
Базиран на вистинска приказна, филмот претставува приказна за професорката Роберта Гаспари, која станува учителка по виолина за сиромашни деца. Нејзината реченица: „Сите деца можат да научат да свират на виолина“ е вербален одговор на сомнителната директорка.
Ова е уште една топла хумана приказна за борбата и истрајноста на една педагошка личност.
8. „Mona Lisa Smile“, 2003
Сличен со „Dead Poets Society“, филмот ја раскажува приказната за младата професорка по историја на уметноста која се бори против традициите и социјално пропишаните улоги.
Професорката Вотсон застанува против системот, отстапувајќи од традиционалниот план и програма, така што им покажува и модерни дела и ја доведува во прашање дефиницијата за уметноста. Повеќе од тоа, таа на своите студентки им претставува модел од различен животен избор.
9. „Take the lead“, 2005
Наставникот по танц доаѓа во училиштето и бара да ги преземе учениците на казнена настава, непоколебливо уверен во сопствените методи. Но овој секогаш насмеан наставник, своите ученици не ги учи само на танц, туку и на манири, почит и витештво.
Иако другите наставници сметаат дека учењето на проблематичните ученици да танцуваат е само губење време и не е е начин за решавање на актуелните проблеми, професорот Дулејни се обидува да направи нешто ново.
10. „The Ron Clark Story“, 2006
Филмот е базиран на вистинска приказна за наставникот Рон Кларк, основач на сопствена академија.
Приказната почнува така што Кларк, по привремената работа во училиште, доаѓа во Харлем и бара работа како наставник. Тој добива работа во моментот кога друг наставник дава отказ бидејќи не може да се справи со немирните ученици.
Самиот директор нема надеж дека новиот наставник ќе остане во одделението со кое неговите претходници не успеале да се справат, но Клар е истраен и има свои методи. Наставата ја креира на забавен начин, играјќи со своите ученици.
11. „Freedom Writers“, 2007
Ерин, младата професорка по англиска книжевност, доаѓа во училиште кое спроведува план за интеграција на проблематичните ученици и уште на почетокот, на предупредување од директорката, одговара: „Па, јас го избрав Вилсон поради интеграциската програма. Мислам дека тоа што се случува тука е доста возбудливо!“
Нејзиниот ентузијазам наидува на првата препрека со самото влегување во училницата. Сепак, таа се зближува со децата, кои живеат во сиромаштија и во светот на криминалот и улиците. Со бескрајно трпение и труд, Ерин се обидува да воспостави комуникација со учениците и самата се бори да собере приходи за учебници.
12. „Die Welle“, 2008
Овој филм се разликува од другите. Рајнер Венгер е професор во училиштето. Во текот на една наставна недела тој треба да им одржи предавање за автократијата. За да ги заинтересира своите ученици, тој прави експеримент: во текот на предвидената наставна недела одделението ќе глуми организиран проект со него како диктатор.
Меѓутоа, овој неконвенционален метод станува катастрофален кога учениците пресериозно ги сфаќаат своите улоги, се чувствуваат како дел од вистинско движење и ги исклучуваат оние што не припаѓаат. Сето тоа резултира со убиство и самоубиство од страна на еден психички нестабилен ученик.
Направен според вистинска приказна, филмот го поставува прашањето дали е секогаш паметно да се отстапи од класичниот метод на предавање и каде треба да се постави граница.
13. Мosieur Lazhar, 2011
За крај, филм за топлата личност на наставникот, овој пат од канадска продукција.
Господинот Лазар, имигрант со трагично минато, за кој подоцна се открива дека нема ни наставничка лиценца, доаѓа да им предава на учениците чија претходна наставничка извршила самоубиство. Учениците, секако, се под влијание на трагедијата, но училишниот систем има свои методи кои налагаат дека за случајот треба да се молчи.
Наставникот Лазар воведува неконвенционални методи и со децата воспоставува однос со љубов и разбирање.