X
 25.04.2016 Култура

Нова подводна пештера откриена на езерото Матка

 Нуркачите претпоставуваат дека постои меѓусебна поврзаност со Врело, бидејќи двете пештери се наоѓаат во непосредна близина. Според нив, некој од внатрешните канали кои ги забележале за време на експедицијата е можно да водат токму до некоја од галериите на Врело.



Нова подводна пештера во езерото Матка открија македонските нуркачи предводени од спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ и нуркачкиот клуб „Акватек“. Додека изведувале редовни активности во езерото и пештерата Врело, домашните нуркачи го забележале влезот од новата подводна пештера и решиле да го истражат пределот во кој се наоѓа. Влезот тешко се забележува бидејќи е скриен во околните карпи. До него тешко се стигнува зашто отворот многу тесен.



- Успеавме да го совладаме и да влеземе во подводната пештера и покрај тешкиот пристап. Кога ќе блезете низ отворот веќе се отвора голема галерија која се двои во два правци, односно два канала - вели Гоце Димитриевски, сертифициран пештерски нуркач од „Врело“.

Нуркачите претпоставуваат дека постои меѓусебна поврзаност со Врело, бидејќи двете пештери се наоѓаат во непосредна близина. Според нив, некој од внатрешните канали кои ги забележале за време на експедицијата е можно да водат токму до некоја од галериите на Врело.



- Во галеријата забележавме голем број на жив свет и подводна флора. Ова е само предизвик да продолжиме со понатамошно истражување и документирање - вели Даниел Атанасовски, сертифициран инструктор по нуркање од клубот „Акватек“.

Тој додава дека домашните нуркачи ќе подготват нова експедиција во која систематски ќе ја истражат структурата на формации и ќе документираат се што ќе пронајдат во новооткриената пештера.



„Подводните пештери претставуваат природно богатство и привлекуваат домашни и странски посетители. Носат и големи научно-истражувачки резултати и сознанија. Подводните пештери се често извори на чиста вода, којашто претставува само 2,5 отсто од вкупната водна површина на Земјата. Затоа водата во новата пештера дополнително ќе ја истражуваме“, велат нуркачите од двата клуба.



Во кањонот Матка, создаден на реката Треска во близина на Скопје најпозната е пештерата Врело. Има две пештери, подводна и над вода. Нејзината длабочина се уште не е целосно откриена. Последните истражувања покажале дека е длабока 212 метри, а веќе со тоа е најдлабока подводна пештера на Балканот, а втора по длабочина во Европа. Повеќе години пештерата ја истражува меѓународна екипа составена од домашни и нуркачи од Италија и од Белгија.



„На околу 1,5 километар од браната на езерото Матка се наоѓа влезот на пештерата Врело. Реката Треска формира езеро со површина од околу 5.000 хектари. Во каџоното Матка има околу 1.000 растителни видови. Од нив 20 отсто се ендемични. Има и разни пеперутки кои не се пронајдени никаде на друго место во Европа. Кањонот е дом на мршојадците, а повремено и на ќелавите орли, заштитени со закон за да се спасат од изумирање“, велат од клубот.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура