X
 11.05.2016 Економија

Зошто Европа ќе ја суспендира банкнотата од 500 евра?

500 евра

 

Oдлуката на Европската централна банка до крајот на 2018 година да го суспендира печатењето на банкноти во вредност од 500 евра, предизвика огромна загриженост кај финансиските експерти и кај граѓаните на Европската унија бидејќи луѓето кои ја чуваат својата заштеда дома, имаат банкноти од 500 евра.


На пример, милион евра во банкноти од по 500 евра може да ги собере во мал куфер кој не е тешко да се сокрие од крадците. Иако во соопштението Европската централна банка јасно наведува дека банкнотите од 500 евра не се временски ограничени и можат да се заменат за 15 или 20 години, тоа сепак не ги смири штедачите. После најавата за суспендирање, голем дел од штедачите отишле во банките и ги замениле овие банкноти со помали.

Истражувањата покажуваат дека банкнотата од 500 евра, која ретко се користи во секојдневниот живот и финансиските трансакции, најчесто се користи од страна на криминалците, оние кои перат пари, трговците со дрога, даночните затајувачи и разни терористички групи. Затоа, овие банкноти две години не се користат во Велика Британија: тамошната полиција утврди дека 90% од овие банкноти се користат за криминални активности.

На пазарот моментално се наоѓаат 1.1 трилион евра во банкноти и железни пари во различна вредност. Европската централна банка објави дека во 2003 година прометот бил 40 милијарди евра во банкноти од 500 евра. Денес постојат повеќе од 300 милијарди евра. Во апоени од 100 евра, во 2003 имало 50 милијарди евра, додека сега се во вредност од 220 милијарди евра. Банкнотата од 50 евра во 2003 година беше во вредност од 75 милијарди евра, а денес вредноста е 410 милијарди евра. Инаку, целата операција за замена на банкнотите од 500 евра Европската банка ќе ја чини околу 500 милиони евра.

Со оваа одлука, Европската централна банка има за цел, меѓу другото, да го стимулира користењето на банкноти од 20, 50 или 100 евра, но крајната цел е банкнотите целосно да се повлечат од употреба. Едноставно, се обидува што поскоро да го намали готовинското плаќање и да стимулира безготовинско плаќање на кредитни картички.

Со тоа ќе се овозможи подобра контрола на општите парични текови, но и на потрошувачката на секој граѓанин. Така би се утврдило колку еден човек троши, но уште поважно, дали за овие средства има покритие. Истовремено, со тоа максимално би се спречила трансакции за финансирање на криминални активности и тероризам.

Во Скандинавија, парите се користат се` помалку и помалку, па така во Стокхолм може да се плати со кредитна картичка дури и кај уличен продавач, а во Копенхаген кафето може да се плати преку паматен телефон, додека во Хелсинки ниту продавачите не бараат готовина.

Данска веќе некое време најавува дека целосно ќе го напушти готовинското плаќање и дека наскоро трговците ќе имаат можност да одбиваат готовина. Образложението е дека раководењето со пари е комплицирано и скапо, но и од безбедносен аспект, доста опасно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија