X
 26.06.2020 Живот

Поради пандемијата, Норвешка моментално е најзатворената земја во Европа

Норвешка, која за брзо време го стави под контрола вирусот, ги игнорираше повиците да ги укине или барем да ги олесни ограничувањата за патување, со што веројатно сега е најзатворената нација во Европа.

Повеќето луѓе што не се жители и понатаму не смеат да влегуваат во земјата. Патувањата во странство не се забранети за Норвежаните, но штом ќе се вратат во земјата ги чека 10-дневен карантин.

Како резултат на тоа, Норвежаните нема да можат да уживаат во медитеранските плажи ова лето. И норвешката премиерка Eрна Солберг го откажа планираниот одмор во Шпанија.

За некои, ваквата тактика на владата ќе има сериозни последици.

Таков е случајот со Винтермарк, која не може да патува за Бордо за да ја види својата 84-годишна мајка, која претрпела внатрешно крвавење и на која ѝ останале уште неколку недели од животот.

- Мислам дека нема да ја видам жива. Вистински кошмар. Ако Норвешка ги немаше сите овие строги ограничувања, веднаш ќе заминев. Но, невозможно е да одам на кратки патувања до Франција бидејќи секојпат ќе треба да бидам во 10-дневен карантин - вели Винтермарк.

Од иста причина била откажана и свадбата на нејзиниот син, првично планирана за 20 јули, исто така во Бордо.

- Поканите веќе беа испратени. Повеќето луѓе требаше да дојдат од Норвешка и тие веќе имаа резервирано хотели и билети - се жали таа.

И самата се бори да си го врати целиот депозит од локалниот угостител.

Пофалени поради контролирањето на Ковид-19, норвешките власти постојано ја истакнуваат важноста дека жртвувањето во изминатите месеци би било залудно ако прерано ја отворат земјата и дозволат повторно „увезување“ на вирусот.

norveska
Фото: Pixabay

- Голем дел од луѓето се тажни и фрустрирани - вели министерката за правда Моника Маланд, задолжена за координација на мерките за вирусот.

- Ова не го правиме за да ги нервираме луѓето, туку затоа што мора да ја задржиме ситуацијата под контрола - изјави таа.

Во досегашните единствени отстапки Норвешка, која не е членка на Европската Унија, но спаѓа во шенген-зоната на слободно движење, се согласи да дозволи патувања во Данска, Финска и Исланд од 15 јуни. Исто така, властите рекоа дека ќе ја разгледаат можноста за отворање за другите соседни земји до 20 јули.

Во меѓувреме, туристичката индустрија повика да бидат укинати ограничувањата за Германија, затоа што четвртина од странските посетители секое лето се токму од оваа земја.

- Повторното отворање на оваа земја ќе биде најдобриот план за обновување на туристичкиот сектор, без да ги чини властите ни еден цент - инсистираше Пер Арне Тафтин, шеф на националното здружение за туризам „Норск Реиселив“.

Во меѓувреме, на Норвежаните сè уште им се советува да не патуваат во соседна Шведска, која има усвоено помек пристап кон вирусот и сè уште има висока стапка на инфекција, иако тие можат да го посетат островот Готланд, кој има само неколку случаи.

Ова беше разочарување за 12.000 норвешки семејства кои имаат живеалишта и во Шведска и кои не можат да одат таму за летните одмори.

- Поголемиот дел од кабините се изолирани во шумите или покрај вода, не гледате никого и сте многу побезбедни отколку во Осло, каде што плажите се преполни - вели Еинар Руда, кој основал фејсбук-група која сега има над 6.000 члена кои се незадоволни од одлуките на владата.

Поради гневот кај популацијата што вообичаено се придржува кон законот, 5,4 отсто од Норвежаните велат дека планираат да ги занемарат официјалните препораки и да патуваат до дестинацијата за која властите советуваат да не се посетува ова лето, покажува една анкета.

Извор: Thejakartapost.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот