X
 15.05.2016 Образование

Германски пример за образование - Двојно студирање

Во Германија е се` побогата понудата на студиски насоки во таканаречениот двоен систем на студирање. Се работи за модел кој во Германија постои веќе подолго време, но во последните три години се забележува вистински бум.


Двојниот систем на студирање постои во насоките на техниката, економијата и медицината и се состои од практична работа во фирма и слушање предавања на некоја висока школа или академија. Професионалната пракса и теоретската настава се менуваат во точно утврден ритам - најчесто на три месеци. Студентот се образува во некоја фирма која е партнер на високата школа или академијата. Теоретската настава на академијата или високата школа е прилагодена на таа обука. На крајот на таквите студи се добива диплома или потврда за завршено стручно образование.

Предноста на овој вид студирање е во неговата изразена практична ориентација: студентот за време на студиите има договор на ограничено време со фирма во која стручно се обучува. Фирмите кои нудат места за образовање во рамки на двојни студии обично и ги вработуваат студентите откако ќе завршат, но сепак, тоа не претставува гаранција за работа бидејќи бројот на студенти постојано расте. Оние кои воопшто сакаат да се запишат на овие студии мора да имаат добар просек од оцени од матурски испити, но и мора да се покажат добро пред комисијата за прием на кандидати.

Кандидати по мерка

Во последно време, поради големата конкуренција, барањата кои се поставуваат пред кандидатите се се` поголеми. Но, предноста на тие студии е дека пред се` фирмите добиваат вработени кои се „скроени“ точно по нивна мерка. Таквите кандидати имаат предност во однос на оние кои конкурираат за работа индивидуално. Уште една предност се и финансиите. Студентот може да заработи за да финансира дел од студиите.

Која е лошата страна?

Лошата страна на двојниот систем на студирање е тоа што со овие студии не се исполнуваат критериумите за продолжување на студиите и добивање магистерска диплома. За оние кои сакаат да се занимаваат со наука, класичните студии се подобро решение. Двојните студии имаат изразено практична ориентација. Професионалната пракса во рамки на класичните студии во многу помала мерка е поврзана со материјалот на студиите.

Во класичниот систем, таа пракса се посетува за време на распустот, а може да се пријави во најразлични фирми и области. Оние кои студираат во двоен систем се врзани за една строго одредена област, а доколку сакаат да ги прекинат студиите се соочуваат со финансиски проблем до кој може да дојде кога фирмта ги бара парите кои ги плаќала за студентската школарина дотогаш.

Се` поголем интересот и во странство

Двојните студии моментално се реализираат во Германија и Швајцарија, но стануваат се` поинтересни и за другите земји. Хатем Магед, секретар во египетската амбасада во Германија изјавил дека двојниот систем на студии би бил многу интересен за неговата земја бидејќи ги поврзува економијата и образованието „на начин на кој младите во Египет може да најдат и иднина“. За овој систем интерес покажале и установи од Велика британија и Франција.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование