Учениците од основните и средните училишта земаат приватни часови за
подготовка на некои од предметите кои треба да ги полагаат на екстерното
тестирање. Математика, физика, хемија, но и мајчин јазик се најчесто предметите
за кои бараат помош за дополнителна подготовка. Факултети.мк разговараше со
професорката по математика, Ани Андреева која со учениците работи во
Аритметика М- Едукативен центар за математика и природни науки.
Таа ни објасни дека учениците специјално се подготвуваат за екстерното
тестирање и често за да постигнат подобар успех.
- Во нашиот едукативен центар во текот на целата година имаме ученици од 1 до
9 одделение и од 1-4 година средно образование. Целта ни е преку континуирано
следење 2 или 3 пати во седмицата со учениците да ги обработиме и разјасниме
сите проблеми и потешкотии што се јавуваат во текот на изучувањето на
предметот математика. Учениците со кои работиме во текот на целата година и
каде што добро е совладан материјалот не се среќаваат со потешкотии при
одговарање на прашањата за екстерно тестирање. Кај нас во мај се формираат
групи кои работат само за екстерното полагање и со интензивни часови учениците
доаѓаат до поголем успех - вели Андреева.
Професорката ја прашавме како всушност течат подготовките, на што најмногу се
обрнува внимание и кои задачи или теми, на учениците им се најтешки за
совладување. Таа објаснува дека они кои го усвоиле материјалот и што работеле
континуирано во текот на целата година само со мало потсетување имаат
совршени резултати.
- Најчесто во прашањата за екстено тестирање се опфатени сите теми. Учениците
заедно со наша помош ги поминуваат сите прашања. Внимание најмногу се
обраќа во некои прашања каде што одговорот е малку двосмислен и треба добро
размислување за истите. Во секое одделение се јавува различна потешкотија,
генерално не можам да издвојам некоја тема. Најчесто учениците од основното
образование имаат проблем со претварање од помала во поголема мерна
единица за маса, должина и течност и обратно, бројните изрази, задачи со
конструкции. Но, со работа се усовршува и тоа - објаснува Андреева.
Во нашето општество често се знае да се искоментира дека за математика треба
талент, не може секој да ја разбере, па дури и дека неталентот е наследен. Ја
прашуваме Андреева дали има вистина во ова и дали математиката може да се
научи и подоцна, иако некој ученик не стекнал доволно добра основа?
- Математиката може да научи секој, ако сака. За да се постигнат добри резултати
мора да се има добра основа. Како ученик од 6 одделение ќе го совлада
материјалот ако не ја знае таблицата. Според мене ако редовно се пишуваат
барем домашните работи и се прочита лекцијата во учебниците, кај секој од
учениците ќе има резултат. И најнеталентираниот со работа може да научи барем
за тројка. Секако за се си треба и талент. Во нашиот едукативен центар постојат
посебни групи само за таленирани ученици каде што се решаваат задачи од
натпревари, олимпијади - вели таа.
Некои ученици земаат посебни часови за подготовка за екстерното тестирање за
да си ја потврдат оценката што ја додбиле од наставникот, да го повторат
материјалот од целата учебна година со професионалец, а некои и за да си
добијат повисока оценка. Со оглед на тоа што оценките ги пишува во
свидетелството и влијаат на просечниот успех, на секој ученик истата му е
подеднакво важна како онаа што ја става и наставникот.
- Поголем дел од учениците се трудат да постигнат подобри оценки на екстерното
тестирање бидејќи веќе прашањата се дадени. По предметот математика има 400
или 500 прашања и учениците мора да решат за да го добијат резултатот. Моето
искуство вели дека по предметот математика најчесто се добива реалната оценка
кај ученикот - завршува Андреева.