Најголема стапка на преживување имаат новоотворените фирми од дејноста
здравствена и социјална заштита, додека најмногу се отвораат трговски фирми кои
воедно имаат и најкраток животен рок
Приватна клиника, амбуланта, стоматолошка ординација или лабораторија се фирмите
што имаат најдолг „рок на живеење“ во Македонија, додека трговските дуќани
најмногу се отвораат, но и најбрзо се затвораат откако ќе почнат со работа.
Судејќи според најновите податоци за демографијата на претпријатијата во
Македонија што ги објави Државниот завод за статистика, во земјава најдолг век
имаат приватните фирми од областа на здравствената и социјалната заштита.
Статистиката покажува дека од сите нови фирми отворени во 2009 година, до 2014
година „преживеале“ помалку од половина, односно само 43,2 отсто. Најголема стапка
на преживување имаат новоотворените фирми од дејноста здравствена и социјална
заштита која изнесува 79,5 отсто.
Според статистиката, во 2014 година имало 7.161 новоотворена фирма, што е 10,6
отсто од вкупниот број на активни фирми во земјава. Најголемиот дел од овие нови
фирми, односно една третина, биле трговски компании на големо и мало, како и
автомеханичарски работилници. Иако овие фирми се најмногубројни, имаат најкраток
животен рок, односно најбрзо се затвораат по отворањето. Веднаш зад нив според
бројноста се фирми кои се занимаваат со сместување на гости и сервис со храна,
односно хотели, хостели, ресторани, сендвичарници, пицерии и сл.
Иако голем дел се затвораат кратко по отворањето, сепак во земјава воопшто не е
комплицирано да се отвори компанија. Според извештаите на „Дуинг бизнис“ во
изминатите години, нашата земја е на првото место во Европа според можностите за
почнување бизнис. Односно, во Македонија временски најбрзо и најевтино се отвора
нова компанија, за разлика од повеќето други земји во регионот. Имено, споредбената
анализа на земјите од поранешна Југославија покажува дека во повеќето од нив, како
што се Македонија, Словенија, Хрватска и Црна Гора нова компанија може да се
регистрира по електронски пат, додека лично во надлежните институции мора да се
оди во Србија и во Босна и Херцеговина. Нашата земја е единствената каде што
регистрацијата на фирма се врши исклучиво електронски, што се покажа како добар
сигнал за странците кои не мора да доаѓаат лично за да регистираат нова компанија.
При отворањето фирма, најмалку време ќе изгубат тие што планираат да водат бизнис
во Македонија и Словенија, каде што регистрацијата се завршува за еден ден. Реално,
во земјава фирма се отвора во еден чекор, без никакви трошоци и со процедура која
се завршува за помалку од еден ден, односно која во просек трае околу 4 часа. Во
Црна Гора и Србија за тоа се потребни четири, односно пет дена, додека најмногу
време се троши во БиХ каде за регистрација на нова фирма се потребни 15 дена.
Процедурата за регистрација е најевтина во Македонија, со оглед на тоа дека не се
плаќаат никакви административни трошоци во процедурата. Во Словенија трошоците
се нула ако станува збор за регистрација на трговец-поединец, додека за поголеми
фирми со сложена организација трошоците достигнуваат и до 400 евра. Нешто
поевтина од Македонија е Црна Гора каде регистрацијата чини 22 евра, во Хрватска е
107 евра, а на врвот е БиХ каде трошоците изнесуваат и до 400 евра во зависност од
кантонот каде што се регистрира новата компанија.