X
 30.07.2020 Економија

Три начини на кои компаниите може да преживеат за време на пандемијата и по неа

Пандемијата на коронавирус пред сè е глобална здравствена криза, но таа има и економски и општествени последици. Иако некои држави полека се враќаат во нормала, ефектот на пандемијата во комбинација со неопходните мерки за намалување на ширењето на коронавирусот предизвика глобална рецесија.

Овој двоен шок предизвикан од пандемијата влијае на бизнисите низ целиот свет. За почеток, намалени се капацитетите за производство на добра и услуги, а тоа предизвикува зголемување на цените и намалување на понудата. Зголемувањето на невработеноста дополнително влијае на шокот, а истовремено се појавува зголемена побарувачка за производи поврзани со здравјето. Според претпоставките, пандемијата ќе ја предизвика најголемата глобална рецесија од Втората светска војна, а некои земји ќе забележат најголем пад во производството по лице од 1870 година.

Компаниите се наоѓаат пред уникатен предизвик да направат промена. Пандемијата само ги покажа системските недостатоци. Истражување на Светскиот економски форум покажува три начини на кои компаниите може да ја искористат ситуацијата во своја полза.


Фото: Freepik

Комбинација од брзина и стабилност

Организациската агилност е способноста на компанијата за брза промена во време кога се менува пазарот. За ова се важни брзината и стабилноста. Компаниите треба брзо да реагираат на промените, а тоа значи да бидат иновативни и динамични. Меѓутоа, за да се обезбеди одржливиот успех и способноста за развој, потребна е стабилност.

Организациската агилност некогаш била пожелна, но сега е основна за преживување. Истражувањето на Светскиот економски форум покажува дека Ковид-19 ја поттикнал агилната трансформација на повеќе нивоа.

Искористување на дигитализацијата

Голем дел од компаниите сметаат дека треба да поминат низ дигитална трансформација, но мал дел од нив навистина го прават тоа, покажува една анкета од 2015. Сепак, пандемијата доведе до историско користење на дигитализацијата на начини кои претходно не сме ги земале предвид. Податоците велат дека за само осум недели, светот напредувал колку за 5 години во присвојувањето на дигиталните алатки во областа на бизнисот.

Пандемијата предизвикала структурни промени во многу аспекти, а голем дел од овие промени се очекува да останат и после пандемијата. Компаниите мора да се фокусираат на новите можности овозможени од дигитализацијата за да се соочат со најновите предизвици. 



Фото: Freepik

Воведување системски промени преку соработка

Пандемијата ги потсети луѓето на тоа колку се поврзани сите компании, градови и држави. И покрај предизвиците, пандемијата ја покажа важноста на соработката. Системската соработка ќе биде клучна за компаниите да ги вратат нормалните капацитети за работа.

Што следува?

Светот уште се бори со пандемијата, но некои економии внимателно се враќаат во нормала, иако последните месеци се многу поразлични од она што се сметаше за нормално пред пандемијата. Тешко е да се знае што следува, но може да се искористат лекциите од минатото и да се гледа на нив како на можности за развој. Компаниите треба да реагираат на кризата додека работат на иновативни решенија и соработуваат со останатите бизниси.

Автор: Вандана Менон
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија