Летото веќе пристигнува, а додека некои луѓе размислуваат на одмор и сончање, Бил Гејтс размислува за книги. Поточно, тој размислува за книгите кои сите ние треба да ги прочитаме. Во последната објава на неговиот блог, Гејтс наведува 5 наслови кои треба да ги прочита секој ова лето.
„Seveneves“ од Нил Стивенсон
Ова е научна фантастика која на Гејтс му била препорачана од пријателка. Дејствието започнува уште со првата реченица кога месечината експлодира. Луѓето дознаваат дека за две години метеорски дожд ќе го уништи животот на Земјата, па целиот свет се обединува за да го спасат човештвото.
„How not to be wrong“ од Џордан Еленберг
Еленберг, математичар и писател, објаснува каква улога игра математиката во нашето секојдневие без ние тоа да го знаеме. Секое поглавје започнува со тема која изгледа едноставно, но авторот успева да покаже како математиката игра значајна улога во секоја од темите.
„The vital question“ од Ник Лејн
Лејн се обидува да ги поттикне сите да ја ценат улогата која ја има енергијата во сите живи суштества. Тој смета дека ние само може да разбереме како започнал животот и како живите суштества еволуирале со разбирање на енергијата.
„The power to compete“ од Ријоичи Микитани и Хироши Микитани
Доколку се интересирате за економијата и јапонските компании, оваа книга е за вас. Во книгата се развива дијалог меѓу Ријоичи, економист кој починал во 2013 и неговиот син, Хироши, основач на компанијата „Ракутен“.
„Sapiens: A brief history of humankind“ од Ноа Јувал Харари
Харари имал голем предизвик со оваа книга: да ја раскаже целата историја на човековата раса во само 400 страници. Тој пишува и за нашиот вид денес и начинот на кој вештачката интелигенција, генетското инженерство и другите технологии ќе не` променат во иднина.