X
 19.08.2023 Култура

Книги што вреди да ги прочитате барем еднаш во животот

Можеби не сте поддржувач на хиперпродукцијата на популарната литература, можеби не сакате да купувате книги на аеродроми и киосци, можеби читате само препорачано четиво, а можеби читате сѐ што ќе ви дојде при рака. Без разлика каков читател сте, некои дела сепак заслужуваат внимание.

Во продолжение е листа со безвремени светски книги кои треба да ги чувате на вашите полици.

„Кратка историја речиси на сѐ“, Бил Брајсон

Во еден од најдобрите водичи за наука, напишан за да биде достапен за јавноста, Брајсон опишува сè, од големината и историјата на универзумот до подемот на човечкиот вид. Зборува и за ексцентричните археолози, антрополози и математичари кои придонеле за најголемите откритија во светот.

„Човекот во потрага по смислата на живеењето“, Виктор Франкл


Во оваа книга, објавена во 1946 година, Виктор Франкл пишува за своето искуство во концентрациониот логор „Аушвиц“ за време на Втората светска војна. Полн со разбирање за психолошките искуства на луѓето со кои бил затворен, Франкл зборува за смислата на животот и за тоа како секое општество има лоши и добри човечки суштества.

„Космос“, Карл Сејган

Сејган некако успеа да објасни 15 милијарди космичка историја со допирање на филозофијата, религијата и општеството. Книгата е напишана на таков начин што може да ја разберат дури и оние без претходно научно знаење и успева да го пренесе длабокото единство на космосот.

„Моби Дик“, Херман Мелвил

Одговорот на прашањето каде води сето ова може да ве доведи до бескомпромисна желба за одмазда по секоја цена.

„Маус“, Арт Спигелман

Добитник на Пулицеровата награда за графички роман, „Маус“ е приказна за еден Евреин кој го преживеал холокаустот и за неговиот син карикатурист, кој се обидува да се помири со приказната на својот татко. Во илустрацијата на романот има мачки и глувци кои ги претставуваат нацистите и еврејскиот народ. Маус е всушност ужасната вистина за животот под Хитлер, како и за односот помеѓу синот и неговиот стар татко.

„За кого бијат камбаните“, Ернест Хемингвеј

„Ниту еден човек не е остров, целина сам по себе; секој човек е дел од континентот, дел од земјата. Смртта на кој било човек ме намалува бидејќи сум опфатен од човештвото. Затоа, никогаш не прашувај за кого бијат камбаните - тие бијат за тебе...“

„Кафка на брегот“, Харуки Мураками

Мураками ќе ве натера малку да се напрегнете со овој роман. Книгата претставува заплет помеѓу петнаесетгодишниот Кафка, кој е во потрага по својата мајка и сестра, и постариот Наката, човек кој е ментално растроен и има способност да разговара со мачки. Овие два лика се спротивставени во оваа приказна која, всушност, е метафизичко патување исполнето со магичен реализам.

kniga
Фото: Freepik

„Малиот принц“, Антоан де Сент Егзипери

Првично објавена на француски, оваа книга е приказна за пилот чиј авион се урна во Сахара, па тој се среќава со момче кое тврди дека е од друга планета. Иако е напишан како приказна за деца, овој роман е еден од најтрогателните во француската литература.

„Сто години самотија“, Габриел Гарсија Маркез

Ова е приказна за селото Макондо и неговите жители. Започнува со Хозе Аркадио Буендио, човекот кој го изгради селото, соочувајќи се со сенките на граѓанската војна и духот на човекот што го убил. Романот опфаќа 100 години од секоја генерација на семејството Буендија, чии грешки од минатото доведоа до негово уништување.

„Источно од рајот“, Џон Стајнбек

Две семејства, Тракс и Хамилтонови, живеат во долината Салинас во Калифорнија. Романот ја следи секоја генерација во нејзината борба со правилниот и погрешниот морал, како и проблемите предизвикани од ривалството. Стајнбек го сметал ова за негово најголемо дело и изјавил дека сè што напишал пред тоа всушност било вежба за овој роман.

„Злосторство и казна“, Фјодор Достоевски

Овој роман е приказна за Раскољников, сиромашен и неуспешен студент од Санкт Петербург, кој смислува план да убие старица-лихварка. Со тоа убиство тој планира да ги реши финансиските проблеми, а тоа го смета за етички оправдано бидејќи тој како поединец е над моралните правила кои ги обврзуваат другите луѓе. Што е оправдано во животот, а што не?

„Браќата Карамазови“, Фјодор Достоевски

Фокусот во оваа приказна, која се одвива во Русија во 1987 година, е убиство на таткото и семејно ривалство. Книгата ги следи животите на тројца браќа и нивниот татко, а овие 800 страници секако вредат да се прочитаат. На крајот на краиштата, веројатно веќе сте ги прочитале.

„Странецот“, Албер Ками

„Странецот“ започнува со сознанието на Мерсо дека неговата мајка умрела. Недостигот на емоции ќе го натера да убие човек. Поделена на два дела, приказната го следи животот на Мерсо пред и по убиството и го води читателот низ судењата и претстојното погубување.

„Да се убие птицата подбивница“, Харпер Ли

Дејствието на романот е во Мејкомб, Алабама, и го следи животот на осумгодишниот Скаут Финч, судењето на црнец обвинет за силување бела жена, како и мистериозниот лик на Бу Редли. И покрај сериозните теми за силување и расна и родова нееднаквост, оваа приказна е позната и по својата топлина и хумор. Книгата беше наградена со Пулицерова награда.

„Животинска фарма“, Џорџ Орвел

Алегорија и сатира за советскиот комунизам, „Животинска фарма“ е приказна за група животни кои застануваат на чело на фарма по соборувањето на нивниот човечки господар. И, иако на почетокот сè е добро и сите животни работат заедно и продуктивно, со текот на времето нивното ново општество се распаѓа, а некои животни почнуваат да веруваат дека можеби не сите се создадени еднакви.

„Грофот Монте Кристо“, Александар Дима

Исполнета со интриги, љубов, борбени сцени и социјална сатира, ова е една од најдобрите книги за одмазда некогаш напишани. Приказната го следи Едмонд Дантес, млад морнар во Франција од 19 век, кој е лажно обвинет дека е предавник и поради тоа поминува шест години во затвор. Откако стекнува тајно богатство од своите колеги затвореници, тој тргнува во потрага по својот стар живот за да се одмазди.

„Храбар нов свет“, Олдос Хаксли

Книгата ги истражува темите на психолошка манипулација, развојот на репродуктивната технологија и моќта на знаењето. Опишува општество кое функционира според принципите на масовно производство. Луѓето се создаваат во епрувети и однапред се одредува кој на која класа ќе припаѓа врз основа на интелигенцијата.

„1984“, Џорџ Орвел

Четириесет години по Втората светска војна, она што остана од земјата е поделено на три суперсили – Океанија, Евроазија и Источна Азија. Сите во Океанија, вклучително и протагонистот Винстон Смит, се под строг надзор од Владата. Орвел истражува прашања за цензура, пропаганда и индивидуализам додека Винстон се бори да избега од своето монотоно постоење.

„Мајсторот и Маргарита“, Михаил Булгаков

Веројатно еден од најголемите романи некогаш напишани што може да се прочита на многу начини. Слоевитоста е тајната на генијалноста на Булгаков. Сигурно сте го прочитале, а можеби и неколку пати.

Извор: Bizlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура