Високи планини, котлина, езеро, остров. Синило, кое за момент ги засенува зелените површини и карпестите височини. Иако денес, ни одблиску не е она езеро кое го паметат постарите, тоа сeуште плени и повикува за посета. Денес, езерото е многу помало, а за тоа сведочат огромните песочни плажи, кои се спремни за уредување. Околните села, добро скриени за оние кои прв пат ќе ги посетат, само ја надополнуваат сликата која ќе ја добиете како прв впечаток. Почнувајки од источната страна на преспанското крајбрежје прво село на кое ќе наидете е Подмочани. Овде може да го посетите етнолошкиот музеј во сопственост на Јоне Ефтимовски каде ќе имате прилика да погледнете над 3000 вредни експонати: прекрасни примероци на накит, оружје, стари монети и преку 200 различни Македонски носии од разни региони на Македонија. На највисокиот рид во селото се наоѓа црквата Св. Петар и Павле, а до неа се издига преспанскиот крст висок 30 метри и широк 20 метри, видлив од сите страни на Преспа.
До него селото Грнчари во кое се наоѓа малиот манастир Св. Илија, за кој се верува дека датира од 13 век, сместен во пазувите на Баба Планина на само 3 километри од селото. Фрескописот е импресивен, а природата – фантастична.
Следува селото Асамати каде имате пристап до орнитолошкиот резерват за птици, Езерани. Резерватот се протега на 10-тина километри северно од преспанското крајбрежје и тука живеат 115 ендемски видови птици (пеликан, малиот корморан, белоопашестиот орел,и дебелоклунестата вртимушка). Истиот е под заштита на разни интернационални организации.
Во близина на Асамати се наоѓа Претор, прекрасно туристичко место, поделено на два дела, селото (во горниот дел) и туристичката населба (крај езерото) и населбата со вили на ридот кон Сливница. Убаво уредената плажа, неколкуте модерни кафеани, ќе Ве натераат да се чувствувате како на некоја ексклузивна морска дестинација
На само неколку километри од Претор, повторно во подножјето на Баба Планина, е селото Курбиново, каде се наоѓа познатиот манастир Св. Ѓорѓи. Поделени се мислењата за времето од кое датира, 11 или 13 век. Скромната градба со величествени фрески насликани во 1191 година е скриена во идилична чистинка над Преспанското езеро со импресивен поглед. Ѕидниот декор во самата црква е еден од најдобрите примероци во Македонија. Имено, во овој манастир се наоѓа фреската на Архангел Гаврил, која ја има на банкнотата од 50 денари. Потоа е селото Сливница. И уште еден манастир, кој не смее да се пропушти. Манастирот Св. Богородица се наоѓа на три километри од селото. Манастирскиот комплекс содржи скромна црква, изградена и декорирана во 17-от век. Фреските се добро зачувани и ги носат стилските карактеристики на фрескописот од почетокот на 17-от век во Македонија. Во состав на манастирот има конаци во кои може да се преспие. Овде била сместена втората по големина ресавска школа, после Лесновскиот манастир. На самиот брег на езерото е сметена туристичката населба Сливница. Овде се наоѓа една од најубавите плажи во преспанскиот регион, долга околу 400 метри, послана со ситен песок, опремена со лежалки и хавајски чадори. По патот следуваат Љубојно, Брајчино и Долно Дупени. Оддалечени само 15 минути од Преспанското езеро, во непосредна близина на националниот парк Пелистер. Богати со извори на чиста вода, висока и зелена шума, планински врвови што пленат со својата убавина. Освежени од пелистерскиот воздух од една страна и заплиснати од преспанското сонце од друга страна, со автентична архитектура и љубезни домаќини, овие села и по својата местоположба и по убавините што ги нудат се особени. Ова се едни од најубавите села во Македонија, добро организирани, одлично обележани и со бескрајна чистота.
Поради близината до Преспанско Езеро, за љубителите на водата и птиците интересни дестинации се и островот Голем Град и птичјиот резерват Езерани. Недалеку од селото Долно Дупени, на 2 километри е месноста Маркова Нога која е најјужната точка во Република Македонија и во која се наоѓа познатата плажа Дупени Бич. Убаво уредената плажа на границата со Р. Грција во летниот период привлекува голем број туристи.
Затоа Ви препорачуваме, доколку сакате да ги доживеете боите на виножитото, да уживате во најпрекрасното ѕвездено небо, да го осетите духот на традицијата, посете го Преспанскиот крај. За оние кои не биле, пропуштиле да ја доживеат магичната убавина на овој регион, а за оние кои биле, секогаш ќе се сеќаваат на прекрасната убавина со желба да одат повторно и повторно и повторно…
Изработиле: Славица Тенекиџиева и Тоше Тановски
Извор: ИгеоПортал