X
 29.06.2016 Економија

Колку ќе ве чини патот до туристичките места во регионот?

Кога станува збор за земјите од Балканот, дефинитивно горивото е најевтино во Македонија, а најскапо во Грција, покажа споредбената анализа што ја направи Факултети.мк.



Македонците кои планираат на летување да заминат во некоја од земјите во регионот најдобро е да го наполнат резервоарот до горе во Македонија ако сакаат да заштедат на гориво. Кога станува збор за земјите од Балканот, дефинитивно горивото е најевтино во Македонија, а најскапо во Грција, покажа споредбената анализа што ја направи Факултети.мк.

Со последното намалување на цената на горивата во земјава, литар безоловен бензин се продава за 1,02 евра, додека дизелот за 0,80 евра. Според податоците од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ), сите земји од регионот имаат поскапо гориво отколку Македонија. Така, во Грција, бензинот во просек чини 1,39 евра, додека дизелот 1,04 евра. Поскап од Македонија е и бензинот во Албанија, каде што литар безоловен се продава за 1,14 евра, а дизелот е со слична цена и чини 1,13 евра.

Нашите летувалци во Бугарија за литар бензин треба да платат 0,96 евра и за дизел 0,93, а во Црна Гора цените се 1,07 евра за бензин и 0,92 евра за дизел. Нешто повисока цена од Црна Гора се плаќа во Србија, каде безоловниот бензин чини 1,09 евра, а дизелот е 1,10 евра.

Тргнувајќи од Македонија, со еден полн резервоар гориво може да се стигне до туристичките места во Грција и во Албанија. За да наполните еден цел резервоар гориво од 40 литри, во Македонија ви се потребни 40,8 евра. За полнење на истиот тој резервоар во Грција ќе потрошите 55,6 евра, додека во Албанија 45,6 евра. Заклучокот е дека за да заштедите пари при патувањето кон туристичките дестинации во соседството, најдобро е да го наполните резервоарот на домашните бензински пумпи во непосредна близина на граничните премини. На враќање, пак, добро е да се обидете да го темпирате патувањето така што ќе наполните бензин на првата пумпа на територијата на Македонија. Со оваа „тактика“ може да заштедите од 10 до 15 евра од полнење.

Заедно со горивото, најголем трошок при патувањата се и патарините. Според податоците на АМСМ, најголем трошок за патарини има при патувањето во Грција и во Хрватска, доколку до туристичките места се патува преку Загреб. Така, доколку патувањето до грчките летувалишта го почнувате од Скопје, тогаш на пат до Атина треба да платите вкупно 29,60 евра за патарини. Притоа, патот оди од Скопје, преку граничниот премин Богородица, па Солун, Лариса и на крај Атина. Ако од Скопје преку Гевгелија патувате до грчкото пристаниште во Игуменица ќе треба да издвоите 11,3 евра, додека за до истата дестинација ако патот ве води преку Битола тогаш за патарини ќе платите 6,7 евра.

Летувалците кои од Скопје планираат да стигнат до градот Саранда во Албанија имаат две опции. Едната е да патуваат преку граничниот премин Богородица до Игуменица и оттаму до Саранда и за тоа да платат 11,3 евра за патарини. Другата опција е од Скопје преку Струга, Елбасан, Фиер до Саранда, за што им се потребни само 1,60 евра за патарини. Ако патот до туристичките места во Хрватска ве води преку Загреб, тогаш трошокот за пат ќе ви се зголеми за 28,30 евра во еден правец, колку што чинат патарините на оваа делница. Ако патувањето се одвива од Скопје, преку Приштина, Призрен, Кукс, Скадар, Бар до Дубровник, тогаш за патарини ќе треба да издвоите 6,34 евра.

За до туристичките места во Црна Гора нема патарини.



Цени на гориво во регионот (во евра)
Подготвил: Ф.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија