X
 29.06.2023 Живот

Од 1 јули Македонците и Србите со еден уред ќе плаќаат патарини во двете земји, ќе се намали метежот на автопатите

Системот за заедничка електронска наплата на патарина со примена на еден „таг“ при патување во државава и во Србија ги помина успешно сите тестирања, подготвен е за употреба и е функционален, информираат за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Проектот беше најавен во септември 2021 година, во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, а стартен датум за примена е 1 јули годинава.

Ќе функционира на начин што наместо да запираат или да купуваат дополнителен уред или картичка, возачите од двете земји ќе може со еден уред да платат патарини и во Македонија и во Србија.

- Реализацијата на проектот Отворен Балкан е во завршна фаза, се врши тестирање и проверка на системот, во реално време и со реални податоци. Системот ги помина успешно тестирањата, спремен е за употреба и е функционален. Изминатиов период се правеше подготовка на интеграција на системите за наплата на патарина во Македонија и Србија. Исто така, се вршеше подготовка и изработка на безбеден и ефикасен начин за реализација на трансакциите во двете земји. Во интеграцијата на системот е ангажиран кадар што и досега работеше на воспоставување на електронската наплата - објаснуваат од ЈПДП.

ТАГ-от (микробранов транспондер) треба да се регистрира (преконфигурира) на веб-пoрталот openbalkan-etc.com

Од ЈПДП истакнуваат дека со примената на т.н. „еден таг“ ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се намали метежот на автопатиштата.

-Очекуваме овој начин на плаќање патарина да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи, да се намали емисијата на штетни гасови од моторните возила, а предност за граѓаните е што во таканаречениот шпиц во сезоната нема да чекаат во редици, а ова, пак, значи дека побрзо ќе стигаат до одредената дестинација - велат од ЈПДП.

Извор: МИА


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот