X
 04.07.2016 Образование

Чомски е во право, во мозокот имаме "граматика"

Тим на невронаучници пронајде докази кои ја поддржуват теоријата за генеративниот пристап на јазикот, кој пред неколку децении ја изведе светскиот лингвист Ноам Чомски.

 

чомски


„Во основата на теројата на Чомски е идејата дека луѓето имаат „граматика во главата“ која им овозможува да го процесираат говорниот јазик. Нашите неврофизиолошки наоди ја поддржуваат оваа теорија. Од низа зборови луѓето прават смисла такашто во мозокот ги поврзуваат со хиерархиска постапка; овој процес претставува механизам на внатрешната граматика“, објаснува Дејвид Попел, професор на Катедрата за психологија на Универзитетот во Њујорк и директор на Макс Планк институтот во Франкфурт.

Истражувањето го инспирирал еден од најзначајните настани во лингвистиката на модерните времиња - книгата на Чомски „Синтаксичка структура“ (1957) со која трансформационализмот е воведен и прогласен ширум лингвистичкиот свет.

Генеративната граматика, која се базира на посебен метод на анализа многу луѓе ја нарекуваат трансформационална граматика. Речениците се разликуваат по тоа колку успеале во граматичките термини, бидејќи само некои достигнуваат целосна мерка во граматичноста. Тука е развиена идејата ние да ја препознаеме реченицата „Безбојните зелени идеи бесно спијат“ како бесмислена или како граматички точна бидејќи имаме апстрактна база на знаења која ни овозможува да ги воочиме разликите иако односот меѓу зборовите во реченицата всушност не постои.

Теоријата на Ноам Чомски се базира, пред се', на верувањето дека граматиката која на правилен начин служи за својата цел треба да ни објасни на кој начин создаваме реченици, односно со помош на кои принципи го разбираме нивното значење. Во фокус се поставуваат процеси реализирани врз план на синхронија до која се доаѓа во создавањето на реченици. Чомски го интересираат правилата со чија помош се изведуваат „граматичките“ реченици и нагласува дека би сакал да пронајде теорија која би ја објаснила и појавата на феноменот лингвистичка интуиција.

Невронаучниците и психолозите првично го отфриле овој став со тврдење дека нашето разбирање на јазикот не е предизвикано од постоењето на генеративна граматика, туку ние од искуство знаеме како речениците се конструираат и дека зборовите и фразите ги користиме од базата на информации која се активира откако ќе слушнеме нешто.

Во најновите напори да се расветли теоријата на Чомски, невронаучниците истражувале дали и како лингвистичките единици се читаат во мозокот во процесот на разбирање на говорот. За да го направат ова Попел и колегите спровеле серија експерименти со користење на магнетоцефалографија - техника на снимање на невроните и електрокортикографија - специјална неврофизиолошка клиничка техника на снимање на мозочната активност. Проектот е финансиран со средства од Националниот институт за здравје, Америка.

Учесниците во експериментот слушале реченици на англиски и мандарински кинески јазик. Хиерархиската структура помеѓу зборовите, фразите и речениците беше без интонација (покачен или намален глас во изговорот). Речениците се емитувани истовремено, со идентично растојание помеѓу зборовите. Учесниците слушале реченици како „Њујорк никогаш не спие“ или „Кафето не' одржува будни“, но и други, граматички точни, со помалку логика или речиси без никаква смисла.

Ваквиот пристап на истражувачите им овозможи да утврдат како мозокот открива различни јазични апстракции - низ речениците како „бесно зелена спие безбојно“, фразите „спие бесно“ и „зелени идеи“ и на крајот реченицата „Безбојно зелените идеи бесно спијат“ без интонации и други основни елементи за градба на реченицата. Резултатот покажа дека мозокот прецизно регистрира три компонентни фрази кои учесниците ги слушнале и кои ја рефлектираат хиерархијата во нашата невронска обработка на зборовите.

„Со експериментите утврдивме дека мозокот го анализира секој збор пред да ја разбере фразата и реченицата. Оваа динамика открива дека говорниот јазик е подложен на еден вид на граматичка обработка на мозокот“, објаснува Попел.

Сепак, авторите на истражувањето истакнуваат дека се свесни дека нивниот пристап и резултатите во врска со постоењето на „граматика во мозокот“ предизвикуваат контроверзија во научните кругови.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование