X
 16.06.2017 Наука

Научниците откриле дека човечкиот мозок креира структури во 11 димензии

Истражување кое е комбинација од неврологија и математика, покажува дека човечкиот мозок креира нервни структури со 11 димензии кога процесира информации. Под димензии, се мисли на апстрактни математички простори, не други физички сфери. Експертите велат дека пронашле свет кој никогаш не сме го ни замислувале.

Проектот од кој произлегло откритие е наречен „Blue Brain Project“, а целта била дигитално да се креира биолошки детална симулација на човековиот мозок. Со креирање на дигитални мозоци со невидено ниво на биолошки информации, научниците сакаат да напреднат во сфаќањето на неверојатната комплексност на мозокот, кој има околу 86 билиони неврони.

Научниците користеле суперкомпјутери и математика. Тестирале како дигитален неокортекс реагира при користење на математички систем наречен алгебарска топологија. Тоа им овозможило да одредат дека нашиот мозок константно креира мултидимензионални геометриски форми кои изгледаат како замоци од песок. Со тоа, научниците успеале да го видат највисокото ниво на организација кое претходно изгледало како хаотичен шаблон од неврони. Прво тестирале визуелни мозочни ткива, а потоа сето тоа го потврдиле и преку истите експерименти спроведени на глувци.

Кога биле стимулирани, визуелните неврони креирале мрежа, а секој неврон се поврзувал со друг на тој начин што формирале специфична геометриска форма. Поголем број на неврони додавале повеќе димензии, па во некои случаи бројката достигнувала и 11. Структурите се организирале околу високодимензионална дупка, која истражувачите ја нарекле празнина. Откако мозокот ја процесирал информацијата, мрежата и празнината исчезнувале.

Значењето на откритието дава можности за подобро разбирање на една од најфундаменталните мистерии на неврологијата – поврзаноста помеѓу структурата на мозокот и начинот на кој ги процесира информациите.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука