Издавачкиот центар ТРИ има чест да ја најави посетата на господинот Гербранд Бакер, истакнат современ автор од Кралството Холандија, кој во нашата земја доаѓа за прв пат. Гостувањето се одвива во рамките на
Летниот фестивал на книгата во ТРИ, а непосредниот повод е промоцијата на првото македонско издание на Бакеровиот роман Горе е тивко. Тоа е воедно и првото дело на овој значаен автор кое е преведено и објавено во Македонија, а целиот проект на изготвувањето на книгата е поддржан од Европската унија. Инаку, стручната и широката читателска јавност го препозна Горе е тивко како извонреден книжевен придонес кон светското културно наследство, па Гербранд Бакер за него се закити со престижната меѓународна награда ИМПАК Даблин, за дело објавено или преведено на англиски јазик. Некои од другите добитници на ова меѓународно признание се Дејвид Малуф, Хавиер Маријас, Алистер Меклеод, Мишел Уелбек, Орхан Памук, Џон Мекгрегор, Хуан Габриел Васкес, Акхил Шарма итн.
Горе е тивко е спокојно раскажана приказна под чија површина вријат страсти и неспокојни размисли за вината и личната одговорност. Навидум роман за едноличниот живот на село, тој поставува тешки прашања за осаменоста, за потрагата по смисла и за можноста да се земе животот во свои раце.
Промоцијата на романот ќе се одржи во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, на 07.07.2016 (четврток), во 19 часот. Во текот на својот тридневен престој во Скопје, авторот ќе ја збогати и културната програма на нашите печатени и електронски медиуми, но и ќе потпишува примероци на својот роман во книжарниците на Издавачкиот центар ТРИ.