X
 24.08.2016 Образование

Училишта во кои не плаќате школарина се' додека не се вработите

studenti

 

После завршувањето на додиполомските студии по креативно пишување во Сан Франциско, Моника Вилијамс се одлучи дека сака да стане софтверски инженер. Меѓутоа, се појави проблем - не знаеше како да ги изведе сето тоа.


Без никакво претходно искуство во кодирање, 22 годишната Вилијамс не беше сигурна дека може да аплицира за традиционална диплома или магистерска. И со десетици илјади долари студентски кредити, плаќањето уште 10.000 долари за три месечен курс по кодирање беше нешто што за неа се чинеше невозможно.

„Не постоеше начин, ниту пак некаква шанса да го направам тоа“, вели таа.

Како што одела низ вестите споделувани на Фејсбук, Вилијамс случајно пронашла чудна алтернатива. Таа наишла на реклама за „Learners Guild“, едно од поновите училишта за кодирање чија цел била да се револуционизира начинот на кој студентите се обучуваат да станат софтверски инженери - и како ова училиште создаде концепт за тие да го плаќаат своето високо образование.

За разлика од курсевите по кодирање, кои обично се спроведуваат според хипер-забрзани 12 неделни програми, „Learners Guild“, заедно со Мејк училиштето и Холбертон училиштето, ги учат нивните студенти како да кодираат во подолг временски период. И во споредба со другите програми во програмирање компјутерска наука, овие училишта чекаат студентите да започнат да работат пред да го платат своето образование.

Нов образовен модел

Претприемачите и софтверските инженери имаат заедничка желба да го направат образованието подостапно за повеќе студенти, како и да донесат поголема одговорност во самото образование.

„Ако еден студент замине од Мејк училиштето и не е квалификуван да добие работа во полето на софтверски инженер, тогаш ние не сме успеале. Тие не треба да ги плаќаат трошоците за нашиот сопствен неуспех“, вели Ашу Десаи, ко-основач на училиштето.

Училиштето Мејк, кое започна со пилот програмата во 2014 година и својата две годишна програма во септември минатата година, е едно од само трите училишта кои поддржуваат ваков вид на плаќање на партиципација (училиштето Холбртон започна во со часови во јануари, а „Learners Guild“ во јули). Ако овие училишта сакаат да изградат одржлив бизнис, тие ќе мораат да обезбедат врвна обука за да знаат дека од нивните клупи ќе излезат врвни студенти кои ќе бидат вредни за вработување.

„За 10 до 20 години, луѓето ќе се смејат на идејата дека самиот студент треба да го носи целиот финансиски ризик за неговото образование“, вели Шериф Бишеј, основач на „Learners Guild“. Бишеј претходно го основаше „Dev Bootcamp“, 19 неделна програма за кодирање која ја продаде во 2014 година.

Овие училишта се убедени дека ќе привлечат талентирани студенти кои сакаат да ги избегнат кредитите. „Со тоа што не наплаќаме школарина на почеток, ние имаме можност да ги избериме најквалитетните кандидати, без разлика дали можат или не можат да платат. Подобри кандидати значи поголема веројатност за вработување, посилен бренд и повисок долгорочен потенцијал“, вели Алисон Баум, партнер и инвеститор во едно од училиштата.

Во „Learners Guild“, студентите поминуваат 10 месечна програма за развивање на софтвер. Училиштето не им наплаќа се' додека студентите не пронајдат работа која плаќа најмалку 50.000 долари годишно. Ако пронајдат, тогаш тие на училиштата им даваат 12.5% од нивната плата во период од три години.

За да ги надополнат часовите, училиштата обезбедуваат настани за вмрежување и професионална обука. На пример Холбертон, ги охрабрува студентите да започнат со пишување блогови кои ќе им помогнат да се подигне нивниот кредибилитет во рамките на индустријата. После завршувањето на студиите во ова училиште, откако ќе пронајдат работа, тие плаќаат 17% од нивната плата во наредните 3 години - секако доколку нивната плата изнесува повеќе од 50.000 долари.

„Колеџот обезбедува пошироко образование кое ние не го користиме. Ние нема да ве учиме историја или економија. Ние сме алтернативно образование чија цел е да произведе поединци и професионалци подготвени да работат веднаш откако ќе дипломираат“, вели Силвеин Калаче, ко-основач на Холбертон.

Училиштето Мејк ја спроведува својата програма во текот на период од две години - студентите посетуваат настава 9 месеци, одат на практикантство 6 месеци и се враќаат во настава уште 9 месеци. Тие можат да ги искористат последните месеци за да се фокусираат на студиите во специфични области на компјутерската наука кои ги интересираат. Училиштето собира 25% од платите на студентите додека се на практикантство, како и 25% од нивните плати во период од 3 години. Ако студентите заработуваат помалку од 60.000 долари годишно, отплатата е паузирана, вели училиштето.

И не е само бизнис моделот она што ги прави овие училишта посебни. Тие исто така имаат уникатен начин на запишување на студентите - испраќаат апликациски процес кој мери колку студентите веќе знаат за кодирање, колку брзо тие учат, колкава е нивната посветеност, и најважно, колку добро работат со другите.

„Во основа, сето ова се прави со алгоритми. Не оставаме простор за дискриминација ниту човечки предрасуди“, вели Калаче и додава дека Холбертон прифаќа помалку од 3% од кандидатите.

Откако ќе се запишат, студентите немаат многу предавања. Наместо тоа, акцент се става на тоа како овие студенти доживотно да учат и да се надградуваат и заедно со нивните колеги да решаваат проблеми. Тоа е клучот во областа на софтверот, каде новите програмски јазици постојано се менуваат и мораат да бидат совладани од инженери. Тоа е и суштината на успехот во Силициумската долина, каде владее претприемништвото на решавање на проблемите.

„Основата на знаењето која тие ќе ја стекнат во училиштата ќе им трае 50 години, и ќе ги натера да се запрашаат: Како можам да бидам дел од решавање на проблемите кои ги гледам?“.

Училиштето има различни модели за да обезбеди студенти од различни потекла. Така на пример, „Learners Guild“ го избра Окленд, Калифорнија бидејќи е поразлично место од другите делови. Холбертон и Мејк работат со студенти на кои им е потребна помош за пронаоѓање домови. Дополнително на тоа, „Learners Guild“ и Мејк нудат стипендии. После вработувањето, студентите кои ги прифаќаат стипендиите мораат да вратат повисок процент од нивните плати, меѓутоа стипендијата им овозможува да се фокусираат на нивното студирање наместо да го поделат вниманието барајќи работа со скратено работно време. 

 

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование