X
 10.06.2021 Наша тема

„По гласот си ги распознавам учениците!“ Каква беше соработката меѓу средношколците и професорите што се гледаа само на монитор?

Предавам на неколку пара близнаци во прва година во различни класови, и тоа еднојајчени. Интересно е што кога вежбаат, двајцата различно вежбаат. Имаат посебна камера, посебна соба. Иако можат да манипулираат, не го прават тоа, вели Марко Арсовски, професор по физичко образование во „Михајло Пупин“

Изминатава учебна година сè беше поинаку за професорите, наставниците, учениците и за родителите. Учењето во време на пандемија тешко им падна на сите, но, сепак, најголем предизвик беше за учениците во прва година во средно образование, кои воопшто не тргнаа на училиште и немаа можност да си ги запознаат другарите и професорите. Кој со вклучена камера, кој без, оваа учебна година тие учеа онлајн и комуницираа виртуелно со своите соученици и професори. Каква година беше изминатава, што е она што беше најголем проблем, но и предност, поразговаравме со неколкумина професори од неколку средни училишта.

Ги видов кога си ги зедоа учебниците во септември

Соња Јовчевска е професорка по англиски јазик во средното стручно училиште „Владо Тасевски“. Таа имала можност да ги запознае учениците со физичко присуство дента кога дошле во училиштето да си ги земат потребните учебници, на почетокот од септември.

- Но, реално, колку можам да ги запомнам сите 33 ученици од класот од едно видување? Искрено да ви кажам, по гласот си ги препознавам учениците. За 8 март дојдоа неколку деца во училиште, а во друга пригода исто така имам видено некои од нив кога доаѓаа во училиштето да си ги земат ученичките билети. Но некои ме збунуваат. Некогаш на камера ги гледам кога правиме тестови. Сега ја согледавме важноста на физичкото присуство. Кога наставата е онлајн, тие се тука, вклучени се, но сфаќам дека не следат баш што се случува и што се работи - вели Јовчевска.

Соња Јовчевска

Во училницата сите ја следат наставата

- Дефинитивно е потешко е да се образоваат ученици на далечина. Ги прашувам: „Сфативте ли?“, па има тишина. Тие не ни комуницираат толку, па затоа на моменти се чувствував како да комуницирам сама со себе. Мислам дека учениците губат со ваквиот начин на настава. Имавме случаи кога учениците сакаа да се снајдат на тест, мислеа дека нема да забележи професорот. Тие попрво би се снашле отколку што би научиле. Тие гледаат да извлечат максимум од целава ситуација, но сепак ова е стручно образование, учениците мора да се оспособени за струката. Се надевам дека од септември наставата ќе се почне со физичко присуство. Предметот што го предавам - англиски јазик - е интерактивен предмет и секој мора да каже по нешто, па мене ми е полесно отколку на колегите по другите предмети. Иако на почетокот имав лажна претстава за тоа кој колку знае, сега тоа јасно се гледа - додава професорката.

Сите часови по физичко ги одржувавме со вклучена камера

Проф. Марко Арсовски предава спорт и спортски активности во средното стручно училиште „Михајло Пупин“. Тој воопшто не ги видел неговите ученици. Тие потпишале согласност за да вклучуваат камера на часовите, па така се гледале.

- На тој начин го држевме предметот, сите часови ни беа со вклучена камера. Имавме материјал за учење, кој беше скратен и темите беа наменети за во домашни услови, на пример, се учеше за развој на општа моторика, превенција од деформитети. Некои ученици работеа на тераса, во двор, кој како има услови. Јас искрено сум многу задоволен од сите ученици. Предавам на вкупно 230 ученици, 200 беа одлични, редовни беа, вежбаа и секој час демонстрираа. И самите коментираа дека да не е овој предмет, нема како да се размрдаат. Јас можев да согледам колку знаат. Некој подобро вежбаше, некој послабо, но од сите го извадив максимумот. Ги прашував како им е, што би сакале да промениме, имавме добра комуникација. Имаа опција, ако не сакаат да вклучат камера, да се снимаат и да пратат видео со направената вежба. Децата беа исполнителни - вели професорот Арсовски.



Неколку пара близнаци од различни класови во прва година

- Интересно е тоа што тие се еднојајчени близнаци. Кога вежбаат двајцата, различно вежбаат и различно ги прават вежбите. Секој од нив си има посебна камера и учи од посебна соба. Иако имаат можност да манипулираат (со оглед на тоа дека не ги распознавам), односно едниот да праќа вежби за двајцата, не го прават тоа. Имам извештаи за секој ученик, си имаат портфолија и ниедно видео не им се поклопува. И кога имаат шанса да мамат, не го прават тоа, чесни се - додава професорот.

Не е лесно да се биде онлајн класна раководителка

Сузана Тнокова е професорка по музичко образование и класна раководителка на клас во гимназијата „Орце Николов“. Таа вели дека со оглед на целосната состојба со пандемијата, која стана секојдневие, беше наметнато оваа учебна година да се одвива наставата на далечина.

- Како класна раководителка на ученици во прва година, можам да кажам дека се потрудив и јас и моите ученици да се запознаеме онолку колку што е можно преку платформата „Тимс“ или користејќи ги социјалните мрежи. Секако дека ништо не може да ја замени комуникацијата во живо. Сите со нетрпение очекуваме да се сретнеме во училница. Кој колку успеал да научи и да разбере дека е во негова полза да се стекне со знаење е дискутабилно, но јас, а и повеќето колеги со подолго искуство во образованието веќе препознаваме по начинот на зборување дали ученикот научил или се обидува да се снајде со манипулација. Дефинитивно местото на учениците и на нас, наставниците, е во училница, бидејќи нашите предавања не се само сувопарни предавања зад камерите. Знаењето го пренесуваме преку зборови, движења, погледи, гестови. Комуникацијата во живо е неопходна за да се запознаеме подобро и да се прифатиме и соработуваме, со цел подобри резултати во учењето - вели Тнокова.

Сузана Тнокова

Фото: приватна архива
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема