X
 26.08.2016 Образование

Бил Гејтс го интервјуира најдобриот професор за 2016-та година

Последната “белешка”, Гејтс ја направи со Нејт Баулинг, професор во средното училиште Линколн во Такома, 48 километри оддалечено од Сиетл. Половината од неговите ученици се Афроамериканци или Хиспанци. Повеќе од 70% од нив добиваат бесплатен или ручек по намалена цена, што го прави ова училиште “школски пример” за она што просветарите го нарекуваат “Ново мнозинство” (New Majority), како одраз на фактот што повеќе од половината ученици во јавните школи низ Америка живеат во сиромаштија.     

Повеќето ученици од “Новото мнозинство” што завршуваат средно школо, не се подготвени да продолжат на доквалификации и не се конкурентни за високо платени работни места. Затоа, она што се случува како промена во сиромашните училишта од типот на Линколн е важно прашање за иднината на државата.
За среќа, Линколн има и позитивна страна. 80% од учениците го завршуваат средното образование, што е над просекот на училиштата во Вашингтон со слични демографски карактеристики, а 40% од нив продолжуваат во понапредни одделенија (AP, advanced placement) за  дообразување, како подготовка за премин во повисок степен на образование.

Белешките на Гејтс

За својот гостин, Бил Гејтс вели дека не е чудо успехот на учениците во Линколн, ако колегите на Нејт ги следат неговите педагошки принципи. Нејт, инаку, бил прогласен за најдобар предавач и педагог на годината на државно ниво, а бил финалист и на изборот за професор на годината на национално ниво. Нејт е горд што сите студенти на кои им бил ментор во 2015/16 учебна година, биле примени на колеџ или на стручни училишта.

Нејт вели дека сите деца можат да научат, ако имаат поддршка. Нему му е важно тие да учат за да знаат, а не за да го положат завршниот испит (AP exam). Затоа, вели, дека не е загрижен ако има 100% од учениците запишани на тежок предмет, а 25% го положиле тестот, отколку да има 25% запишани и 100% го положиле. Токму затоа на прашањето што му го постави Гејтс, зошто е толку фанатичен во врска со наобразбата и подучувањето, Нејт му одговара: “бидејќи тоа е прашање на живот или смрт”, и доколку неговите ученици не се успешни на училиште, ќе завршат како робови во затворската индустрија.




На почетокот од годинава, Нејт го привлекол вниманието на јавноста преку објава на субверзивен текст на неговиот блог поврзан со расната поделба во јавните училишта низ Америка. Покрај медиумското внимание и бројните коментари, Нејт споделува една интересна порака што ја добил од некој адвокат од Њујорк, а во која се вели дека токму неговиот блог ги изнесува сите причини зошто белите Американци не сакаат нивните деца да учат со црнците. Коментарот на Нејт е дека луѓето реагирале со лутина на писмото од адвокатот, но доколку тоа се претвори во сет од политички препораки, ќе се огледа токму тоа што се случува во американското општество – сè поголема сегрегација во училиштата.

Решение на проблемот, Нејт гледа во поттикнувањето на извонредните наставници да останат во ваквите училишта и да имаат поголема автономија во составувањето практикуми за настава. Нејт верува дека просечните наставници може да еволуираат и да станат ефективни, а ефективните да се издигнат во извонредни. Тој смета дека подучувањето е вештина што се совладува со работа. “Мора да се инвестира во наставниците, бидејќи училиштата се градиво на демократијата. Подобро општество се постигнува преку школите, особено оние што имаат солиден наставен кадар.”
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование