X
 29.08.2016 Образование

Многу одамна на територијата на Македонија беснееле жестоки вулкани!

Веројатно понекогаш си го поставувате прашањето: како изгледал просторот на денешна Република Македонија, пред неколку милиони години? Дали планините, долините и котлините биле поинакви од денес? Каква била климата тогаш? Одговори на овие прашања даваат повеќе истражувања во последните децении, со кои донекаде може да се реконструираат географските прилики. Пред 30-тина милиони години, планините во Македонија кои денес се извишуваат и над 2500 m (Кораб, Шар Планина, Пелистер, па и сите останати), биле многу пониски и со поинаков правец, а речните долини сосема се разликувале од денешните. Климата била значително потопла и повлажна, слично на тропско-саванската клима во Африка. Во тој период, во геолошката историја познат како горен олигоцен, започнале силни тектонски движења, распукнувања и „растегнувања“ на Земјината кора на овој дел од Балканот. Како последица, се појавила вулканска активност и тоа првин во областа помеѓу денешно Кратово, Злетово и долината на Злетовска Река низводно од Емирица. На почетокот, овде биле активни само 3-4 вулкани, особено „Лесновскиот“, „Куновскиот“ и „Буковечкиот“, но подоцна, нивниот број се зголемил на преку 20.



Веќе неколку милиони години подоцна, односно во периодот познат како горен миоцен, силни вулкани се појавиле и „беснееле“ од подрачјето на денешно Кокино на север, преку Страцин и Кратово, до Злетово, Спанчево и Кочани на југ. Секако, сите вулкани не биле активни едновремено, туку со текот на времето, постарите згаснувале, а кон запад и југ на областа се појавувале нови вулкани. Воедно, се менувал и карактерот на ерупциите: од експлозивни и жестоки, со многу гасови и пепел, до помирни ерупции со значително количество на лава. Лавата се исфрлала во близина на кратерите, но парчиња и фрагменти од неа, летале на далечина од повеќе километри. Од тие парчиња лава, во воздухот, паѓајќи надолу се создавале таканаречени вулкански бомби. Во зависност каква била лавата, колку далеку летале, на каков терен паѓале, вулканските бомби добивале форми на топка, бадеместа, плочеста, кореста, неправилна и др. Денес, на многу места околу Злетово, Кратово, Страцин, потоа на Манговица и други делови, има појави на вулкански бомби со пречник и над 1 метар.



Материјалот од вулканите, главно паѓал на копно, но и во околните езера кои постоеле на овие простори. Имено, пред околу 10-15 милиони години, на подрачјето на Македонија почнале да се создаваат котлинести депресии опкружени со ридови и планини. Постепено, овие депресии како што пропаѓале (тонеле), така подлабоко се исполнувале со вода, односно се формирале големи тектонски езера. Така, денешната територија на Македонија, во еден период пред околу 5-10 милиони години била „земја на големи езера“. Едно од најголемите езера било во средното Повардарие, преку Овче Поле до Скопско подрачје, со повеќе заливи кон Кумановско, Овче Поле, Кочанско и други делови. Одреден период, вулканите исфрлале дел од својот материјал кон езерата, таложејќи го туфот – вулканската пепел, во слоеви, заедно со материјалот од блиските рекички. Пејсажот во тој период бил спектакуларен: вулкани со жестоки ерупции и вжештени лави кои течеле кон големите езера во подножјето, кратки, но полноводни рекички со многу водопади, тропска вегетација по тогашните планини и сосема поинаков животински свет. И така, се до пред околу 2-3 милиони години, кога престанале да функционираат последните вулкани во Кратовско-злетовската област.

Пред околу 20-тина милиони години, големи вулкани се појавиле и на подрачјето помеѓу денешен Радовиш и Лакавица (Дамјанско, Бучимско). Десетина вулкани оставиле свои траги дури и во денешниот релјеф, во вид на вулкански купи и неколку слабо зачувани кратери или калдери. Освен познатиот Пилав Тепе, живописни и карактеристични остатоци од вулкани, зацврснати лавични текови, туфови и вулкански бомби има северно од езерото Мантово, кај ридовите Плоча, Остра Чука, Орлова Глава и др. Со изградбата на добар асфалтен пат покрај езерото и долината на Лакавица, сите овие преубави вулкански пејсажи може да се видат и доживеат, како сведоци на едно бурно геолошко време.



Вулкански купи покрај североисточната страна на езерото Мантово 

Пред околу 10-тина милиони години, покрај споменатите претежно лавично-експлозивни вулкани, помеѓу Куманово и Страцин, кај денешното село Младо Нагоричане се активирала длабока пукнатина од која излегувала базична (вискозна) или доста течна лава. Со нејзино разлевање, стврднување и натрупување е создадена голема вулканска плоча долга 10-тина km, од Старо Нагоричане на север, до ридот Зебрник на југ. Подоцна, од оваа голема лавична плоча, со раседи и ерозија се издвоени 8 помали плочи кои наликуваат на мали вулкански купи и ридови со зарамнет врв. Од нив, меѓу највпечатливите е Костоперска Карпа, каде има и богати археолошки остатоци. 


Костоперска карпа, остаток од голема вулканска плоча.

Пред околу 5-6 милиони години, се активирала една од најмладите вулкански области на подрачјето на Македонија, која се протегала на западната и северната страна на планината Кожуф. Вулканите биле изразито експлозивни, со навистина огромно количество на пепел, гасови и друг пирокластичен материјал. Овој материјал се натрупувал со илјадници години во вид на дебели туфни наслаги северно од Кожуф, кај висорамнината Витачево. Реките Вардар, Бошава, Луда Мара, засекле и еродирале делови од тие наслаги, формирајќи ја познатата и единствена типична висорамнина кај нас, а ни откриле и извонредни форми како што се камените кукли кај Конопиште, вулкански некови-чуки, вулкански бомби и др. Последните вулкани во Кожуфската област згаснале пред околу 1,5-2 милиони години.

 

Изглед на експлозивен вулкан над езерска површина, сличен на некогашните вулкани кај Бучимско-Дамјанската област западно од Радовиш.



Покрај наведените, на територијата на Македонија, во блиското (неогено-квартерно) геолошко минато, функционирале уште неколку помали вулкански области или поединечни вулкани (како кај Градишки Чуки северно од Крива Паланка). Науката смета дека активностите на последните вулкани, запреле некаде пред малку повеќе од милион години. Во тој период, контурите на современиот релјеф: планини и котилини веќе биле оформени во денешна смисла. Од вулканите, покрај типичниот релјеф во споменатите области, останале и некои оруднувања, кои овозможиле експлоатација на метали и минерали (на некои места уште од античко, па и постаро време). Воедно, поради повеќе причини (како пропаѓање на Егејското копно и формирањето на морето), споменатите езера постепено истекувале и се исушувале, а реките го продолжувале својот тек и ги формирале новите долини. Од огромната езерска површина и големиот број езера, останале само Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (како и неколку „наследени“ тектонски езера на територијата на Грција), чија старост се проценува на 1,5 до 2,5 милиони години. Меѓутоа и наведените езера (особено Дојранското) се во фаза на постепено изумирање, поради издигање на копното на овој дел на Балканот, климатските промени, всекувањето на долините и други фактори. Од некогашните езера, останале огромни наслаги на седименти: песоци, глини, лапорци, варовници и др., кои ги покривале дната и страните на езерата. Тие се причина за постоење на одредени видови неметални суровини, карактеристични почви по денешните котлини, но и претераната ерозија на котлинските страни.


Висорамнината Витачево, изградена главно од вулакнски туф.


Пред околу 2 милиони години, климата на овие простори, но и на целата Земјина топка, почанала драстично да заладува. Тогаш започнале т.н. студени или глацијални циклуси, односно „ледени доба“. Постојат бројни теории зошто дошло до тоа, но засега ниту една не е целосно прифатена. Како и да е, во минатите нешто повеќе од милион години, климата на територијата од денешна Македонија, 6 пати значително се менувала: од доста студена и сува, до умерено топла (не како пред заладувањата) и влажна. Последното такво „ледено доба“ завршило пред околу десетина илјади години. Во тој период, највисоките планински делови биле под постојан снег и мраз, што оставило траги во релјефот во вид на преубави циркови, некои исполнети со езера. Пониските места пак, наликувале на Сибирските шумски подрачја, со густи четинарски шуми. По затоплувањето на климата, се појавувале многу пократки и помалку изразени заладувања. Така, едно „мало ледено доба“ се појавило помеѓу 15 и 18 век. Денес пак сме во фаза на т.н. климатски оптимум, со тенденција за натамошно забрзано затоплување, пред се поради антропогените влијанија. Дали и кога би започнало евентуално ново „ледено доба“ науката сеуште не може да даде одговор.

Ете така накратко се менувала територијата на Македонија за последните милиони години. Некои детали за тоа сеуште се нејасни и останува да бидат откриени со новите истражувања.

Извори:

Dumurdzanov N., Serafimovski T., Burchfiel C. (2004): Evolution of the Neogene-Pleis-tocene Basins of Macedonia. Geological society of America. Boulder, Colorado, 1-20
Milevski I. (2010): Geomorphological Characteristics of Kratovo-Zletovo Palaeovolcanic Area. Proceedings of the XIX Congress of CBGA-2010, Thessalonica, Greece, 475-482
Серафимовски Т. (1993): Структурно-металогенетски карактеристики на зона-та Леце-Халкидики. Посебно издание бр. 2, РГФ Штип.

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование