Ова лето Европа се соочува со антитуристички протести, со демонстрации во Холандија, Грција и во Шпанија.
На почетокот од јули демонстрантите маршираа низ популарните туристички области во Барселона прскајќи ги туристите со пиштоли на води извикувајќи: „Туристи, одете си дома“.
Неодамна, илјадници демонстранти протестираа на шпанскиот остров Мајорка, при што организаторите тврдат дека туристичкиот модел на островот ги осиромашува работниците и збогатува само мала маса на луѓе.
Дел од причината за протестите се зголемените кирии и цените на куќите, што предизвикува жителите на овие популарни градови едноставно да не можат да купат стан или куќа. Голем дел од вината за зголемените трошоци жителите ја префрлаат на масовниот туризам.
Во Барселона, кириите се зголемија за 68 отсто во текот на изминатата деценија, а истото се случува и низ другите европски градови.
На многу жители им е доста. Некои презедоа екстремни мерки за нивниот глас да биде слушнат, при што локалните жители демонстрираа против прекумерниот туризам на шпанските Канарски Острови, повикувајќи на штрајк со глад уште во април.
- Многу луѓе и многу компании ги предупредуваат туристите дека ако планираат да ја посетат Шпанија, ќе се соочат со непријателска средина - велат жителите.
Антје Мартинс, експерт за одржлив туризам од Универзитетот во Квинсленд, вели дека влијанието на репутацијата на овие протести може да влијае врз одлуката на туристите каде да патуваат.
Но, Едуардо Сантандер, извршен директор на Европската комисија за патувања, непрофитна асоцијација одговорна за промоција на Европа како туристичка дестинација, сугерира дека инцидентите како протестите во Барселона се „изолирани“ и не ја одразуваат целосната реалност на Шпанија или Европа.
Генерално, Мартинс верува дека ова не е судир меѓу туристите и жителите.
- За мене, тие се поширок одраз на туризмот што не е одржливо управуван. Кога ги гледам тие судири каде што жителите некако се бунтуваат против туризмот, мислам дека тие не се среќни затоа што не добиваат никаква корист од туризмот што го гледаат - вели Мартинс и додава дека целта на протестите е притискање на владите да ги променат политиките.
Во некои европски градови локалните власти преземаат храбри чекори во обид да го стават туризмот под контрола. Така, на пример, официјалните лица во Венеција неодамна ја поздравија привремената такса за влез, смислена да го регулира бројот на туристите.
Новата туристичка такса од 5 евра која започна на 25 април и заврши на 14 јули донесе повеќе од 2,4 милиони евра, што е значително повеќе од очекуваното, изјави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро.
Сепак, голем дел од жителите не се согласуваат дека оваа такса нешто промени.
- Масовниот туризам веќе предизвика затворање на здравствените услуги, замена на маалските продавници со продавници за сувенири и растење на цените на куќите во градот. Ќе дојдеме до точка од која нема да има враќање - вели Сузана Полони од групата „Солидарна мрежа за домување“ во Венеција.
Градоначалникот на Барселона, Жауме Колбони, неодамна објави дека сака да ја зголеми туристичката такса на градот. Исто така, Колбони изјави дека до ноември 2028 година Барселона ќе ги укине лиценците за 10.101 стан што моментално се одобрени за краткорочни изнајмувања.
Но, проблем не се само високите цени за домување, туку и непристојното однесување на голем број туристи.
Во Фиренца, една млада жена неодамна беше снимена како ја бакнува статуата на Бахус, богот на виното и сензуалноста, а градоначалникот рече дека со тој чин таа имитирала секс. Во 2023 година, турист беше обвинет за оштетување на статуа во градската фонтана од 16 век, лоцирана на плоштадот Сињхорија. Истата година, во друг дел на Италија група туристи беа обвинети дека уништиле вредна статуа.
Лошото однесување на туристите е проблем и во другите делови на Европа, вклучувајќи ги Барселона, Мајорка и други градови.
- Се чини дека овде го прават она што не можат да го направат во нивните земји и за нас тоа е многу навредливо - вели 26-годишниот Карло Рамирез од Шпанија.
Себастијан Зенкер, професор по туризам на Бизнис-школата во Копенхаген, објаснува како ваквите видови инциденти доведоа до тоа некои градови да спроведуваат „кампањи за демаркетинг“ чија цел е да обесхрабрат туристите да ги посетат.
Зенкер укажува на кампањата „Остани подалеку“ во Амстердам од 2023 година, која беше насочена кон машките посетители на возраст од 18 до 35 години со реклами кои ги предупредуваат за последиците од антисоцијалното однесување.
Сепак, напорите да се привлечат повеќе културни туристи може да имаат несакани последици.
- Ако ги зголемите цените и привлечете повеќе богати луѓе, ова го решава ефектот на натрупаност, но во исто време ја зголемува инфлацијата и проблемот со гентрификацијата - вели Зенкер, додавајќи дека во Мајорка цените станаа навистина високи откако беа забранети многу активности за туристите што пијат.
Голем дел од собраните пари нема да се вратат во рацете на локалните заедници, додава тој.
Кое е решението?
- Парите што се заработени од туристите, граѓаните треба да ги видат инвестирани во местото и на работните места за луѓето да можат да си дозволат да живеат - вели Зенкер.
Извор:
CNN
Фото: