X
 19.02.2024 Живот

Осум шарени карневали низ Европа за испраќање на зимата

Сите знаат за Марди Гра во Њу Орлеанс и Карневалот во Рио де Жанеиро. Но, и помалите градови низ светот организираат свои епски забави.

Настаните, кои главно започнале како еден вид паганска прослава при крајот на зимата во Европа, се живописни, шарени и често обвиени во традиција и обичаи.

УНЕСКО стави многу од нив под своја заштита, на својата листа со нематеријално културно наследство на човештвото.

Птуј, Словенија


Во Птуј, најстариот град во Словенија, мажите се облекуваат во кожи од овца, ставаат огромни маски на себе, панделки и кравји ѕвона околу вратот, па се вртат во круг околу луѓето на главната улица, особено околу жените кои врзуваат шалови или парчиња ткаенина на нивните костими. Историски гледано, мажите со овча кожа - наречени „Куренти“ - користеле маски за да се поврзат со духовниот свет и танцувале, како еден вид ритуал на плодност, но и за да ја истераат зимата што е во заминување.

Олинда, Бразил

Свеченостите во шармантниот град Олинда во североисточен Бразил започнуваат уште во декември, но својот врв го достигнуваат во викендот пред великиот пост (католички). Она што ги издвојува е силното влијание на домородните и африканските народи, кои биле донесени во Бразил преку трговијата со робови. Самбата сè уште е главен симбол, а популарен е и афро-бразилскиот стил на музика наречен фрево. Луѓето танцуваат до зори во нивните уникатни костими и парадираат низ градот со џиновски кукли. Овој карневал собира милиони посетители со години.

Поденсе, Португалија

Ова мало село во руралниот, североисточен регион Трас-ос-Монтес во Португалија оживува во февруари - исто како што се случувало со векови наназад - со традиционалното доаѓање на момчињата и мажите во диви костими наречени „Каретос“. Со костимите со црвени, жолти и зелени реси носат и „ѓаволски“ маски од калај или кожа, со зашилен нос. Тропалките прикачени на нивната половина создаваат бучава за да ги нарушат мирот и тишината, претставувајќи ја фигурата на „ѓаволот на слобода“, инкарнација на радоста која доаѓа со завршувањето на студените зимски месеци и доаѓањето на пролетта.

Оруро, Боливија

Уште еден одличен спој на домородната и католичката култура, карневалот во овој град на боливиските висорамнини се слави во истата форма уште од 18 век. Во денешната верзија, карневалот трае 10 дена и ги нагласува популарните уметности како маскирањето, текстилот и везењето. За еден од главните настани, околу 50 фолклорни групи ја следат патеката на аџилак – долга четири километри, која подразбира околу 20 часа повратен пат до храмот, каде што се пристигнува во саботата од карневалскиот викенд. Традиционалниот собир вклучува водечки танц на свеченостите, во кој изведувачите носат ѓаволски костими и маски.

Бенш, Белгија


Секоја година, три дена пред великиот пост, овој град станува место на еден од најстарите улични карневали во Европа. Почнувајќи од јануари, жителите работат на нивните сложени маски и костими и вежбаат удирање на тапаните. Мажите се облекуваат во женска облека, а забавата кулминира со доаѓањето на „легендарниот Жил“. Овие ликови се облечени во црвени, жолти и црни костими со преголеми капи од пердуви на ној, дрвени кломпи, а понекогаш и восочни маски со мали очила. Другите маскирани лица доаѓаат по нив танцувајќи на музиката на локалните тапани, дувачки и кларинет бендови.

Ивреа, Италија


Овој северен италијански град на необичен начин го прославува доаѓањето на пролетта - со фрлање цитрусно овошје. „Битката на портокалите“ е позната како најголемата борба за храна во Италија и околните земји. Се заснова на древни ритуали и сеќавањето на „легендарната средновековна епизода за ослободување од тиранијата“, кога ќерка на воденичар убила барон кој ги оставил жителите на градот да гладуваат, а потоа настанал и народен бунт (со фрлање портокали). Слободно може да се претпостави дека тоа е карневалот со најубав мирис во светот, барем во првите неколку часа.

Миндело, Кабо Верде

Иако прославата во Миндело, главниот град на островот Сао Висенте на Зелено'ртските Острови, е помала од другите на оваа листа, таа не е ништо помалку празнична. Се верува дека најпознатата пејачка во земјата, Цезарија Евора, изјавила дека е „Миндело Бразилим“, што значи дека градот е како мал Бразил, полн со бои, музика и наследство. Карневалот очигледно има и бразилски влијанија. Еден од најпопуларните елементи се парадите на Мандинга, каде што луѓето се облекуваат како воини или носат круни со пердуви, а прославата е мешавина од сатира и социјални коментари. Но, главниот настан се парадите на официјалните карневалски групи и натпреварот помеѓу школите за самба и танцовите трупи.

Мохач, Унгарија


Бушоите кои го заземаат овој град во јужна Унгарија, шест дена секој февруари, се луѓе во страшни костими, кои носат големи волнени наметки и страшни дрвени маски. Денешните свечености вклучуваат натпревар за детски костими, уметничко прикажување на делата на резбарите на маски и пристигнувањето на повеќе од 500 Бушои во чамци на Дунав.

Тие потоа маршираат и танцуваат низ градот во интересни запрежни коли со коњи, или моторизирани возила и го палат „Ковчегот на огнот“, на централниот плоштад, за да го симболизираат крајот на зимата. Потоа започнуваат музиката и гозбите низ градот. Иако традицијата започнала со хрватското малцинство во градот, таа прераснала во разновидна забава која ја слават локалните жители од различни возрасти и културно потекло.

Извор: Forbes.n1info.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот