Папата Бенедикт XVI кој отстапи од престолот во 2013 година имал потешкотии во управувањето со Ватикан, се наведува во извадоци од биографијата што би требало да биде објавена во петок, 9 септември, пренесува италијанскиот весник Corriere della Sera.
“Моја слаба точка, можеби, беше недостигот на одлучност во управувањето и донесувањето одлуки”, рече Бенедикт во книгата насловена “
Последните разговори”.
“Управувањето не е моја силна страна и тоа ми е слабост, но не сметам дека бев неуспешен”, му кажал поранешниот папа на својот биограф, Петер Сивалд.
Папата Бенедикт ќе остане запаметен како првиот од нашето доба кој се одрекол од службата, за да се посвети на молитвата и размислувањето, “сокриен од светот” во манастир.
Јозеф Алојзиус Рацингер (89) живее во осама во Ватиканските градини. Изјавил дека имал “должност” да се повлече од позицијата понтиф на Римокатоличката црква, заради нарушеното здравје и напорните папски активности.
Во книгата “Последните разговори” која веќе е прогласена за духовен тестамент на Бенедикт XVI, за првпат во историјата на христијанството долга две илјади години, еден папа прави биланс на својот понтификат и својот живот. Во неа се споменуваат скандалите со педофилијата и документи поврзани со ватиканските интриги. Сето тоа Бенедикт го нарекува “тешки мигови” од својот понтификат.
На 12 февруари 2013 година, Бенедикт се повлекол од функцијата понтиф, станувајќи првиот папа кој го сторил тоа по 600 години.