Првпат по 500 години од отцепувањето од Рим, поглаварот на Англиканската црква, надбискупот од Кентербери, Џастин Велби, и папата Францис, ќе имаат заедничка молитва.
Историски важен симболичен чекор ќе се случи во среда за време на вечерната молитва во древната црква
Сан Грегорио ал Челио во главниот град на Италија.
Настанот е специфичен, бидејќи првпат по расколот во 1534 година, кога англискиот крал Хенри VIII предизвикал конфликт со Рим, на Папата ќе му се придружи кентерберискиот надбискуп во заедничка молитва.
Папата Францис ќе го прими надбискупот Џастин Велби на приватна аудиенција во Ватикан, во четврток наутро.
Папата и надбискупот досега се сретнале четири пати, а последен пат минатиот месец на меѓуверскиот семинар во Асиз во средна Италија, објавил англиканскиот центар во Рим.
Центарот е основан во 1966 година во Рим со цел зближување на двете цркви, а овој месец ќе обележи 50-годишнина со конференција на која ќе присуствуваат двајцата епископи.
Откако стапи на функцијата во 2013 година, папата Францис има намера да воспостави поблиски врски со сите христијански вери и гранки.
Досега
папата се сретнал со московскиот патријарх Кирил на Куба, а во октомври ќе му биде гостин на Лутеранската црква во Шведска, за време на настаните што ќе обележат 500 години од протестантската реформација.