Клинтон, Трамп и Стајн одговараат на 20 прашања поврзани со науката, инженерството, технологијата, животната средина и здравјето.
Кандидатите на двете најголеми партии во Америка, демократката Хилари Клинтон и републиканецот Доналд Трамп, одговараа на 20 прашања поврзани со најважните научни прашања со кои САД ќе се соочат во претстојните години. Кандидатката на Зелените, Џил Стајн, исто така ги одговори прашањата. Само кандидатот на Либертаријанската партија, Гери Џонсон, не се одзва на повикот и не даде свои одговори.
Прашањата ги подготвија дузина научни организации во име на повеќе од 10 милиони научници и инженери кои работеа во работни групи координирани од ScienceDebate.org. Како медиумски партнер, Scientific American планира да ги оцени одговорите на кандидатите во пресрет на дебатата на 26 септември.
Планот на Scientific American е да ги оценат одговорите со преодна или непреодна оцена, водејќи се според следниве три параметри: Дали одговорот му соодветствува на прашањето; Дали одговорот е податлив според научниот консензус за тоа прашање; Дали одговорот нуди конкретни и применливи детали.
Во продолжение ќе ви пренесеме кратки извадоци од дел од одговорите, кои интегрално можете да ги прочитате на следниов
линк.
1. Иновации
Кои политики најдобро би го осигурале водечкото место на Америка во поглед на иновациите?
Хилари Клинтон: Како претседател, ќе работам на зајакнување на секој од клучните елементи на екосистемот преку формирање јавни-приватни партнерства, со што ќе придонесам Америка да остане на чело според иновациите. Образованието, истражувањето и комерцијализацијата се клучот за успехот на Америка.
Бидејќи напредокот на науката и инженерството зависи од образованието, ние мораме на секој ученик во јавните училишта да му обезбедиме пристап до наобразба во компјутерската наука.
Ќе работам со Конгресот на обезбедување владино финансирање на планирањето и истражувањето во нови научни области, а потоа и на комерцијализација на добиените резултати, преку споделување со бизнис заедницата. Мој проект во кој ќе вложувам е “Создади во Америка”, со намера да се отворат што повеќе добро платени работни места.
Доналд Трамп: Владата треба да направи сè што е во нејзина можност, за да ги намали пречките за влез на пазарите и да работи на создавање на бизнис средина во која фер трговијата ќе биде исто толку важна колку и слободната трговија. Мора да се посветиме на инвестирање во науката, инженерството, здравствената заштита и другите области кои ќе ги прават животите на Американците подобри, побезбедни и попросперитетни.
Џил Стајн: Буквално секоја компонента од нашата Платформа 2016 содржи елементи со позитивен ефект врз иновациите. Тука спаѓаат нашиот план на активности, бесплатното јавно образование, поништување на предлозите за студентските долгови и здравствена заштита за сите, како темелна вредност. Праведна економија со пристојни плати и покриено боледување може да биде поиновативно отколку иновациите условени од корпоративните раководители и планерите од Пентагон.
2. Истражување
Кои се Вашите истражувачки приоритети во науката и инженерството и на кој начин би направиле баланс меѓу краткорочното и долгорочното финансирање?
Хилари Клинтон: Унапредувањето на науката и технологијата ќе биде меѓу моите највисоки приоритети како претседател. Ја споделувам загриженоста на научната и технолошката заедница, вклучувајќи ја и индустријата, дека САД не вложуваат доволно во истражување. Сметам дека најважно е да го зајакнеме истражувачкиот капацитет преку финансирање на млади талентирани истражувачи, барајќи начин да се приоретизираат проектите од “висок ризик – голема награда” коишто имаат потенцијал да трансформираат цели научни полиња и да ги зголемат партнерствата помеѓу владата, универзитетите и приватниот сектор.
Доналд Трамп: Самото прашање има точна претпоставка – научното унапредување бара долгорочни инвестиции. Поради тоа, сметам дека треба да имаме изводлива вселенска програма и институционално истражување што ќе служат како инкубатори за иновации и унапредување на науката и инженерството во бројни области. За таа цел треба да ги споиме акционерите и да ги одредиме националните приоритети. На нацијата најдобро ѝ служат претседател и администрација кои имаат визија за поголема и подобра Америка.
Џил Стајн: Моментално најголемиот предизвик со кој се соочуваме се климатските промени. На врвот од истражувачките приоритети ќе ги поставиме иновативните откритија во науката и технологијата поврзани со намалувањето на емисиите на стакленичките гасови и изградбата на издржливо општество што ќе може да ги поднесе тековните и идните климатски промени. Ќе ги ревидираме институциите од типот на Националната фондација за наука (NSF) и Националниот институт за здравје (NIH), нивната наплата, нивната цел и дејствувањето, за да се осигураме дека функционираат според очекувањата. Ќе бараме можности и механизми, научната политика да ја направиме подемократска и попресретлива за потребите на просечните граѓани.
3. Климатски промени
Кои се Вашите размислувања за климатските промени и како Вашата администрација ќе постапува во однос на Вашите ставови?
Хилари Клинтон: Климатските промени се неодложна закана и предизвик на нашето време, а влијанието од нив веќе го чувствуваме и “дома” и низ целиот свет. Токму затоа, јас како претседател ќе работам и “дома” и интернационално за да се осигурам дека сме напреднале во намалувањето на загадувањето од емисиите од стакленичките гасови според задолженијата што ни ги дава науката. Ќе поставам три цели за наредните десет години што ќе ја направат Америка суперсила на 21 век во создавањето и користењето на чиста енергија: 1. Половина од електричната енергија да се произведува од чисти извори преку половина милијарда соларни панели што би се инсталирале до крајот на мојот прв мандат; 2. Скратување за една третина на загубата на енергија во домовите, училиштата, болниците и канцелариите и претворање на американското производство во најчисто и најефикасно на светот; 3. Редуцирање за една третина на употребата на маслото преку почисти горива и поефикасни автомобили, котли, бродови и камиони.
Доналд Трамп: Можеби најдобро искористување на нашите ограничени финансиски ресурси е обезбедување чиста вода за секој човек на светот. Можеби треба да се насочиме кон уништување на болестите од типот на маларијата, што се провлекуваат низ целиот свет. Можеби треба да вложиме напор во производство на храна што ќе биде во чекор со порастот на популацијата во светот. Можеби треба да се насочиме кон развојот на енергетските ресурси и производството на електрична енергија што ќе ја ублажуваат зависноста од фосилните горива. Мора да одлучиме како најдобро треба да постапиме за да можеме подобро да живееме, посигурно и попросперитетно.
Џил Стајн: Климатските промени се најголемата егзистенцијална закана на сите времиња и еве како ние ќе се справуваме со неа:
Итно донесување на Green new Deal (нов Зелен договор) за да се сврти вниманието кон климатските промени, да заживее економијата и да се исклучи борбата за престиж во нафтената индустрија. Да се иницира национална мобилизација за да се запрат климатските промени, најголемата закана за човештвото. Да се создадат 20 милиони работни места до достигнувањето на 100% чиста енергија од обновливи извори до 2030 година, вложување во јавниот превоз, одржливо земјоделство, конзервација и реставрација на критичната инфраструктура, вклучувајќи го и екосистемот.
4. Биоразновидност (биодиверзитет)
Кои чекори ќе ги преземете за заштита на биолошката разновидност?
Хилари Клинтон: Ќе работам на двојно зголемување на грантовите за програмата State and Tribal Wildlife, за да му се помогне на државите, племенските народи и локалните заедници што поскоро да дејствуваат во насока на зачувување на дивиот свет, пред да биде загрозен. Мојата администрација ќе работи во соработка со другите нации во унапредување на науката за биодиверзитетот, за да ги разбереме причините за губитокот на билошката разновидност и да преземаме дејства со цел нивно намалување. Ќе соработуваме и во делот на справување со трговијата со дивите животни и незаконскиот и нерегулиран риболов што им се закнува на океаните.
Доналд Трамп: Во администрацијата на Трамп ќе постои децентрализирано управување со јавните површини, а ние ќе ги овластиме државната и локалната власт да ги заштитат дивиот свет и рибарството. Законите кои претежнуваат кон посебни интереси мора да се модифицираат за да се врамнотежат потребите на општеството со зачувувањето на нашите вредни животни ресурси. Мојата администрација ќе ги седне на маса акционерите за да се утврди најдобриот пристап за пронаоѓање и воспоставување на таа рамнотежа.
Џил Стајн: На овој начин ние ќе постапуваме во насока на зачувување на биодиверзитетот:
Преку заштита на јавните површини, водоснабдувањето, парковите и опрашувачите. Мораториум на ГМО производите и пестицидите додека не се потврди дека се безбедни за користење. Поддршка на органско производство на храна, пермакултура и одржливо шумарство. Заштита на правата на идните генерации со усвојување на Начелото на претпазливост. Инвестирање во чист воздух, вода, храна, земја за сите. Спроведување на строги мерки и закони за правото на здрава животна средина.
5. Интернет
Кои чекори ќе ги преземете за заштита на ранливата инфраструктура и институциите од сајбер напади, и како ќе обезбедите национална безбедност без да ја повредите приватноста на луѓето на електронските уреди и интернетот?
Хилари Клинтон: Како претседател, ќе се борам интернетот да остане простор за слободна размена, овозможувајќи им на луѓето еднаков пристап до знаење и идеи. Слободата и безбедноста на интернет ми беа приоритет кога работев како секретар на државата и со истиот напор ќе се продолжи и во наредната администрација. Ветувам дека САД ќе ги третираат сајбернападите како и секој друг напад. Ќе бидеме подготвени со сериозни политички, економски и воени одговори и ќе инвестираме во заштита на владините мрежи и националната инфраструктура. Верувам дека САД би требало да го предводат светот во поставувањето правила во сајбер-просторот. Ако не може Америка, некој друг ќе успее.
Доналд Трамп: Владата на САД не треба да ги шпионира своите граѓани. Тоа нема да се случи во администрацијата на Трамп. Кога се работи за заштита на интернетот, секој напад ќе се смета за провокативен чин кој бара највисок степен на заштита.
Џил Стајн: Еве како ние ќе го заштитиме и унапредиме интернетот:
Ќе го заштитиме бесплатниот интернет. Против сме Законот за пиратерија на интернет и останата легислатива што би ја нарушила слободата и еднаквоста на интернет. Енергично ќе ја браниме неутралноста на интернетот. Ја поддржуваме идејата за јавен широкопојасен интернет. Ќе преговараме за креирање меѓународен договор за забрана на сајбер војна; ќе бараме создавање на нова агенција при ОН, задолжена за идентификување на изворите на сајбер нападите.