X
 20.09.2016 Наука

Кип Торн за Хокинг, Interstellar и предизвиците на човештвото

Вселенскиот визионер, како што го нарече магазинот Time или еден од најпознатите астрофизичари, професор Кип Торн, во разговор за Jutarnji.hr раскажува за кладбата со Стивен Хокинг, за филмот Interstellar кој е инспириран од неговата работа, за гравитациските бранови и за предизвиците на човештвото.

Кип Торн

За кладбата со Стивен Хокинг

„Стивен и јас сме пријатели уште од 1965-та. Ние сме блиски пријатели, но никогаш не сме работеле заедно на некој значаен проект. Многу сме дискутирале за науката, често не сме се сложувале, а понекогаш се кладевме. Сега Стивен, Линда Обст и јас соработуваме на еден нов холивудски научно-фантастичен филм. Можам само да ви откријам дека тоа ќе биде многу поразлична приказна од онаа во Interstellar“, изјавил Торн.

Инаку во филмот The Theory of Everything кој ја раскажува приказната на Стивен Хокинг, се појавува и Кип Торн кој со својот генијален пријател се клади за бинарниот ѕвезден состав (Cygnus X-1 i HDE 226868). Хокинг тврди дека Cygnus X-1 не е црна дупка, а Торн спротивното. Хокинг губи и мора на Торн да му плати едногодишна претплата на порно магазин Penthouse.

За работата на филмот Interstellar
Работата на Торн е инспирација за филмот, но астрофизичарот беше и научен советник на Кристофер Нолан во текот на снимањето на блокбастерот. Лани Торн објави и книга поврзана со науката во филмот.

„Мојата работа на Interstellar почна со базична приказна на осум страници што во 2006-та ја напишав со мојата пријателка Линда Обст, многу успешна ТВ продуцентка. Првичната замисла беше филмот да го режира Стивен Спилберг, но како што проектот созреваше, него го замени Кристофер Нолан, кој работеше и на сценариото. Почетната приказна беше изменета, но остана мојата и научната визија на Линда. Сакавме тој филм да ги заинтересира луѓето за науката. Мислам дека успеавме во тоа“, раскажал Торн.

Кип Торн и Кристофер Нолан

За гравитациските бранови

Прашан зошто откривањето на гравитациските бранови е толку важно за науката и нашата цивилизација, Торн одговара: Важно е затоа што ни ги покажува аспектите на вселената што не ги гледаме на никаков друг начин, аспекти за кои претходно не сме знаеле. Значи, откритието на гравитациските бранови е подарок што го оставаме за генерациите кои доаѓаат.
(Откривањето на гравитациските бранови е едно од најголемите научни достигнувања во 2016-та. Меѓународен тим научници кои работеа на проектот LIGO потврди постоење на гравитациски бранови за кои што пред 100 години говорел Ајнштајн)

За најголемите предизвици за нашата цивилизација
„Се соочуваме со многу предизвици. Во овој момент, како најголеми предизвици ми се чинат бегалците, тероризмот, но и климатските промени. Соочување со тие проблеми е важно за генерациите кои доаѓаат. Но, мислам дека науката користена на мудар начин може да биде оружје за решавање на овие проблеми. Важно е и пошироката јавност подобро да ја разбере науката, како би била способна да сфати кои ни се ограничувањата“, заклучил Кип Торн.
Подготвил: А.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука