Повеќе од стотина норвешки незадоволни сопственици на Теслиниот автомобил модел Ес, поднеле тужби против компанијата. Причината била што новиот автомобил не ја развивал брзината којашто ја рекламирале за моделот Ес.
Тесла во Норвешка се соочува со тежок проблем, бидејќи против компанијата биле поднесени 126 тужби. Имено, се работи за незадоволство кај сопствениците на моделот Ес, поточно верзијата P85D, коишто реагираат на брзината што овој модел, наспроти рекламирањето, не може да ја постигне. Во тужбите тие тврдат дека нивните скапи „миленици“ не забрзуваат од 0 до 100 километри за 3,3 секунди, како што се прикажува во рекламата.
„Купувачите бараат повраток на средствата, бидејќи автомобилите ги немаат рекламираните коњски сили“, изјавил еден адвокат на тужител, кој не споменал колкава е висината на тужбата.
Обвинението против Тесла е врз основа на прекршување на законот за потрошувачи, пренесува
The Local.
Според спецификациите, Тесла Ес P85D, има 700 коњски сили, но според тужбите на незадоволните купувачи, вистинската сила на автомобилот е 469 коњски сили, што забрзувањето го прави помалку спектакуларно.
„Многумина ќе помислат дека ние си бараме чаре за досадата, но меѓу нас има луѓе кои ги пробиле своите финансиски можности за да имаат автомобил со 700 коњски сили, па кога ќе сфатите дека не сте го добиле тоа што го плативте, се чувствувате измамени“, изјавил некој од сопствениците на моделот, и вели дека потрошил 105.530 долари за да го има.
Од претставништвото на
Тесла во Норвешка испратија соопштение во кое велат дека тестирањата од трети лица покажуваат дека автомобилите имаат перформанси конзистентни, па дури и подобри од наведените во спецификациите.