X
 25.09.2016 Технологија

Интервју со Орхан Багашов, Македонскиот 13-годишен гениј за роботика

Има само 13 години, а веќе има сработено повеќе проекти од областа на роботиката. Младиот Орхан Багашов од Тетово е посветен на технологијата уште од мали нозе, особено интересирајќи се за роботиката. Учествува на натпревари и постојано добива награди и признанија.

Иако во Македонија оваа гранка на машинското инженерство не е развиена, Орхан не се откажува од неговите цели и напорно работи на нови проекти. Негов сон е да изработи интелигентен робот.

 

 


Факултети.мк: Од кога почна да се интересираш за роботика и електроника?

Орхан Багашов:Чуствувам како од секогаш да сум бил заинтересиран околу технологијата, конкретно роботиката, но поинтензивно почнав да се занимавам од 8 годишна возраст.


Факултети.мк: Што всушност претставува роботиката?

Орхан Багашов: Роботика е гранка на машинско инжинерство, електротехника и компјутерски науки.

 

 

 

 
Факултети.мк: Има ли некој кој ти помогна да ја изучуваш роботиката или сам се надоградуваш постојано?

Орхан Багашов: Поголемиот дел од моето знаење го имам стекнато со помош на интернетот, но го посетувам и курсот по електроника при Народна техника, Скопје.  Исто така бев дел од тимот за роботика при адакемијата “School of the Future”, под менторство на  Локи Фериер – студент на МИТ.


Факултети.мк:Што имаш досега сработено?

Орхан Багашов: Имам поголем број на сработени проекти, но би ги издвоил следните:  ЦНЦ (компјутерска нумеричка контрола), 3Д ЛЕД коцка и проектот на кој сеуште работам - 3Д печатач.



Факултети.мк: Колку време е потребно за да се изработи одреден проект и од што зависи изработката?

Орхан Багашов:Секој проект си има своја тежина и според тоа зависи колку време е потребно за да се изработи. Нормално, постојат и други фактори кои влијаат врз процесот на работа, како на пример: потребни делови кои не можат да се најдат и купат во Македонија.  Конкретно, процесот на изработка на 3Д печатачот започна минатата година и трае се уште.

 

 

 

 

Факултети.мк:  Како се снабдуваш со потребните материјали за изработка?


Орхан Багашов: Поголемиот дел од потребните материјали ги купувам преку интернет, од странски компании.


Факултети.мк: Имаш  ли  учествувано на натпревари?

Орхан Багашов: Учествувам веќе неколку години на општинските, регионалните и републичките натпревари на: ,,Млади техничари и иноватори” и ,,Млади техничари и природници”.


Факултети.мк: Колку награди имаш освоено?

Орхан Багашов: Над 5, од гореспоменатите натпревари. Повеќето се први места.


Факултети.мк: Колку наградите  те  поттикнуваат да работиш повеќе и да се интересираш за роботика?

Орхан Багашов: Често поттикнуваат, но без разлика на наградите, љубовта и мотивацијата за работа во таа област е еднакво голема и силна.

 

 

 



Факултети.мк: Од кого добиваш најмногу поддршка за она што го работиш?

Орхан Багашов:Најмногу поддршка добивам од родителите, но исто така и од курсот кој го посетувам и пријателите.


Факултети.мк:Планираш  ли и професионално да се бавиш со ова?

Орхан Багашов:Секако, но првично би сакал да учам и студирам на школа која ќе ми овозможи квалитетно образование и знаење, како во теоретскиот дел, така и во практичниот.


Факултети.мк:Според тебе, колку во Македонија е развиена оваа гранка?

Орхан Багашов: Според тоа што го знам, оваа гранка кај нас е прилично слабо развиена.

 

 

 


Факултети.мк:
Дали има доволно можности и поддршка од самата држава за луѓето кои сакаат да се бават со ова (стипендии, грантови и слично)? Колку си информиран во врска со ова?


Орхан Багашов: Верувам дека има, иако јас сеуште не земам ништо такво.


Факултети.мк: Дали има заинтересирани за роботика од твоите врсници?

Орхан Багашов: Познавам заинтересирани млади, но тоа се повеќе средношколци и студенти, а не основци.


Факултети.мк: На кое твое дело си најмногу горд?

Орхан Багашов: Засега би рекол ЦНЦ машината, но сепак помина долго време откако го завршив тој проект и се посветив на изработката на 3Д печатачот. Кога ќе го завршам, верувам дека ќе се гордеам најмногу со него.

 

 

 

 


Факултети.мк: На што работиш во моментов?

Орхан Багашов: Во моментов работам на токму на тоа. Биполарен 3Д печатач. Тоа е доста  покомплициран  3Д печатач, во споредба со другите,  според начинот на кој што печати. Ова е нов вид на 3Д печатач.


Факултети.мк:
Имаш ли некоја цел која мечтаеш да ја постигнеш, некој личен твој изум кој сакаш да го реализираш?

Орхан Багашов: Мојата најголема желба и цел е да направам интелегентен робот и софтвер со изглед на човечко тело.


Факултети.мк: Планираш ли твоите дела да ги претставиш на некој начин и на пошироката јавност, освен на натпревари?

Орхан Багашов: Секако, доколку се покажат како корисни и функсионални.  Би бил среќен ако успеам да креирам нешто што би ни помогнало на сите. 

 

Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија