X
 26.09.2016 Наука

Дали во 1977 година добивме порака од вонземјани?

Што навистина се случи ноќта на 15 август 1977 година и понатаму останува мистерија.

Ноќта на 15 август 1977 година, во 22 часот и 16 минути по источно американско време, радиотелескопот на државниот универзитет во Охајо наречен „Големото уво“, примил сигнал што го вознемири светот и целата научна заедница.

Сигналот стигнал од вселената. Главниот компјутер модел IBM 1130 го обработил и бил испечатен на хартија. Дежурниот астроном, Џери Ерман, вршејќи рачна рутинска анализа на сите процесуирани податоци, се шокирал од една од добиените вредности, покрај која напишал: „WOW!“. Оттогаш овој сигнал е познат и како сигналот WOW. Спротивно на врежаното мислење, овој сигнал не е порака во буквалната смисла на зборот. Се чини дека се работи за немодулиран, континуиран бран кој во себе не содржи никаква информација. Досега се дадени две различни вредности на фреквенцијата на овој сигнал; самиот Ерман пресметал 1420.46 мегахерци, додека Краус пресметал дека станува збор за 1420.36 мегахерци. Ова можеби и не е најважното од сè, бидејќи и двете вредности се многу блиску до линијата на водородот, која се наоѓа на 1420.41 мегахерц, односно, на подеднаква оддалеченост и од двете.

Што е суштината на сето ова? Уште во 1959 година, физичарите Филип Морисон и Џузепе Кочони од Корнел универзитетот, објавија труд во кој шпекулираа за начинот на кој вонземска цивилизација би се обидела да комуницира со нас по пат на радиосигнали. Според нив, тие би го сториле тоа со користење на фреквенција од 1420 мегахерци, која природно се емитува преку водородот, бидејќи е најраспространет елемент во универзумот. Нивната претпоставка совршено се вклопува во сигналот WOW. 

Овој конкретен радиотелексоп во Охајо тогаш функционирал така што можел да прибира сигнали само над линијата од хоризонтот и се потпирал на земјината ротација, за да може да го скенира целото небо. Заради тоа, бил во можност да „набљудува“ една точка од небото во период од 72 секунди.

Се очекувало дека континуиран вонземски сигнал ќе може да се регистрира само во тој интервал, со постепено зголемување на интензитетот во текот на првите 36 секунди, по што би требало да почне да опаѓа. И двете карактеристики се присутни во сигналот за кој зборуваме.

Многу поголем проблем е да се утврди точната локација во космосот од каде стигнал сигналот токму поради природата на работењето на „Големото уво“. На крајот, научниците некако успеаја да пресметаат дека местото лежи северозападно од збиеното ѕвездено јато М55 во соѕвездието Стрелец, отприлика 2,5 степени јужно од ѕвездениот систем Хи Сагитариус и околу 3,5 степени јужно од рамнината на еклиптиката. Најблиска видлива ѕвезда на таа локација е Тау Сагитариус.

Конечно, постои уште поголем проблем со кој се соочуваат научниците, а се однесува на потеклото на овој сигнал. Постојат астрономски објаснувања кои не исклучуваат дека потеклото е вештачко, некои мислат дека можеби е емитуван од уред кој функционира како светилник (ова би објаснило зошто никогаш повеќе не е регистриран), а трети сметаат дека можеби станува збор за осамена „експлозија“. Најзбунувачки е тоа што некои многу посилни радиотелескопи не успеале да го сменат.

Ѕвезденото јато М55 во соѕвездието Стрелец од каде што стигнал прочуениот сигнал WOW, примен во 1977 година до денес не е објаснет. Неодамна се појави и хипотеза која го објаснува сигналот со кометите што тогаш прелетувале во делот од космосот од каде што стигнал сигналот, но Ерман и неговите колеги од државниот универзитет во Охајо не се согласуваат со тоа.

На 15 август 2012 година, на 35 годишнината од сигналот WOW, радиотелескопот Аресибо пуштил одговор од човештвото кон она што се наоѓа на местото од каде што стигнал сигналот, ако воопшто има некој таму. Одговорот содржеше десет илјади твитови со упатства кои ќе помогнат таа порака да се дешифрира. Во пакетот беа вклучени и твитови од познати личности. 


Сигналот WOW!
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука