X
 19.12.2018 Култура

Последната порака до човештвото од Толстој

Во август 1908 Лев Толстој бил во длабока старост и му била откриена тешка болест. Тој верувал дека наскоро ќе умре, па почувствувал потреба да им се обрати на сите луѓе уште еднаш. Напишал порака за целиот свет а починал по две години, во 1910. Зад себе ја оставил оваа порака до човештвото. 

- Сакани браќа, особено вие што кај нас во Русија се борите за вакво или такво потребно државно уредување. Тебе, мили брату, кој и да си: цар, министер, работник, селанец, ти е потребно само едно нешто. Тоа е да го проживееш овој неодредено краток момент на живот онака како што од тебе бара Оној што ти дал живот. 

Сите ние знаеме, а јас тоа секогаш нејасно го чувствувам, колку подолго живеам - толку појасно; сега, кога првпат ја почувствував природната близина на смртта, така само по себе разбирлива како што на жив човек му е разбирлива близината на утрешниот ден; близина, која не само што е страшна, туку значи и природен и благ премин како што е и преминот во утрешниот ден - сега ми е, кога го почувствував тоа, и страшно, и што е најважно - туѓо, да мислам на тој ужасен живот полн со омраза, кој сега го живеат повеќемина од нас, луѓе родени за љубов и добро. 

Кои сме ние, што сме ние? Само ништожни суштества кои секој момент може да исчезнат; суштества кои само накратко излегле од ништожноста во животот, прекрасен, радосен живот, со небо, сонце, шуми, ливади, реки, птици, животни, со среќа на љубовта, и кон најблиските и кон својата душа, кон доброто и кон целиот живот... и што, тогаш? Ние, тие суштества, не умееме ништо подобро отколку секој момент од тој неодредено краток живот, кој секој момент може да престане, да го уништиме со дваесеткатни згради, асфалт, чад; завлекувајќи се во тој нездрав стисок на градовите, копајќи под земјата за да стигнеме до камења, градејќи железнички пруги за по нив да одат никому потребните луѓе, и што е најлошо, со тоа да - наместо да му се радуваме на животот, животот на љубовта - се мразиме, се плашиме, ги мачиме другите и себеси, се затвораме во темница, се казнуваме со смрт, учиме да убиваме и се убиваме меѓусебно. 

Па тоа е страшно! 

Оние што го прават тоа велат дека го прават за да се ослободат од за'рѓаното, и поголемата лага, за да ги ослободат другите луѓе од злото, а со тоа да раководат со љубовта кон човекот. 

Мили браќа! Освестете се, погледнете се, размислете за сопствените слабости, за тоа како е во ова неодредено кратко траење на животот помеѓу двете вечности. Во погрешното расудување кое ви се наметнува и кое го поддржува вашето општествено мислење прави да мислите дека сè што правите претставува неопходен услов на животот на луѓето од нашето време; дека тоа што го правите - влијаејќи врз целото човештво - дека вие не можете да не го правите тоа што ви го правеле вам, што се прави сè уште и што се смета за неопходно. 

Би било убаво да се мисли така кога она што го правите би било во согласност со барањата на вашата душа, кога би носело добро за вас и за останатите. Но не е така. Животот на светот, животот на целото човештво, како што е уреден, бара од вас да бидете злобни, да бидете дел од создавање омраза кон едни луѓе поради други. Тоа не носи добро ни за другите ни за вас. 

Ние работиме на иднината - ќе речат на тоа. Но, зошто да се жртвува животот и љубовта сега поради идниот живот кој ни е непознат? 

Зарем не е очигледно дека ова е бесмислено, убиствено празноверие? Јас знам, без сомнение, дека животот е во љубовта, во божјиот закон и во барањата на моето срце да прават добро за мене и за останатите, а тогаш одеднаш, некои чудесни мудрости ме принудуваат да се откажам од вистинското, несомнено мое добро, моите должности, мојот закон... Зошто? За ништо. За обичаи, навики, имитации. 

Нека борецот за „слобода“ или „општествениот ред“ само стотти дел од својата упорност и жртва која ја вложува во борбата за своите цели го вложи за да ја зајакне љубовта во себе и во другите, и тој ќе се запознае со плодовите од влогот во љубовта во истиот момент, и тоа не само во себеси, туку и во последиците кои неизбежно ќе влијаат на другите луѓе. 

Мили браќа! Освестете се, ослободете се од страшната инерција на таа заблуда - заблуда дека борбата, борбата за живот, може да биде својствена за човекот - и ќе се запознаете со радоста, добрината, светоста на животот, кои ништо не може да ги наруши, дури ни нападите од другите луѓе бидејќи тие напади само ќе ја зајакнат отпорноста на љубовта, ни стравот од смртта бидејќи љубовта е бесмртна. 

Мили браќа! Не смеам да кажам: Верувајте ми, верувајте - не верувајте, ами проверете го тоа што ви го велам, проверете барем еден ден. Барем еден ден, станете со истите услови со кои сте родени, поставете си задача дека во сè што ќе правите тој ден ќе раководите со љубовта. И јас знам дека доколку така постапите само еднаш, никогаш нема да се вратите на старата, страшна заблуда. 

Едно ве молам, мили браќа, сомневајте се во тоа дека животот, кој се обликувал во нашата средина, онаков каков што би требало да биде, тој живот е зараза на животот и верувајте дека љубовта, само љубовта, над сè, дека љубовта е суштината, доброто во нашиот живот, дека потрагата кон доброто што живее во сечие срце, дека тоа природно чувство мора да биде задоволено и дека лесно може да се задоволи, само доколку луѓето не го сметаат животот за толку заразен. 

Мили браќа! За ваше добро, направете го ова: посомневајте се во тој надворешен живот кој ви изгледа толку важен во животот кој го живеете, сфатете дека сите тие измислени редови во општествениот живот на милиони и милиони луѓе, сите тие се ништожни, мизерни ситници во споредба со душата која ја познавате во себеси и во оној краток момент на живот помеѓу раѓањето и смртта. Живејте само за неа, со неа, со љубовта на која ве повикува и сите добра ќе ви се вратат помножени безброј пати. 

Само поверувајте во доброто на љубовта и отворениот повик кој ви се упатува.

Мислев дека умирам оној ден кога го напишав ова. Не умрев, но мојата верба во тоа што го искажувам овде останува еднакво цврста и знам дека таа нема да се измени до мојата смрт, која во секој случај мора да дојде многу наскоро.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура