X
 14.11.2018 Живот

Најбараните геополитички бегалци за 2018 година

Не е секогаш убаво да се биде баран. Во време на зголемена геополитичка драма, ова е листа со неколку најбарани личности што му го привлекоа вниманието на светот. Што ни кажуваат нивните специфични приказни за состојбата на светот во 2018 година?

Карлес Пуџдемон


Кога Шпанија излезе од Франко-годините, одржа гласање за шпанскиот устав. Луѓето во Каталонија гласаа во полза на уставот со повеќе од 90 отсто во 1978 година, со што стана незаконско еден регион да објави отцепување од Шпанија без промена на уставот, што може да се направи само од страна на шпанскиот парламент во Мадрид.

Речиси 40 години подоцна каталонскиот регионален претседател Карлес Пуџдемон спроведе референдум за независност, без оглед на тоа што вели уставот. Гласањето беше бојкотирано од партиите што се против отцепување и беше проследен со остри мерки од страна на Мадрид. Пуџдемон ги искористи неисправните резултати за да објави отцепување на Каталонија. Мадрид, како што е негово уставно право, го отфрли каталонскиот парламент и нареди нови регионални избори. Соочувајќи се со можни обвиненија за бунт и побуна, Пуџдемон побегна во Брисел и остана таму.

Предвремените регионални избори во Каталонија покажаа дека партиите што промовираат отцепување повторно се појавуваат како победник, а Пуџдемон сакаше повторно да биде избран за претседател. На 25 март 2018 година тој беше уапсен од патрола во северната германска држава Шлезвиг-Холштајн. Беше ослободен со кауција, при што судот одлучи дека не може да биде екстрадиран поради „бунт“, бидејќи германското право не се совпаѓа со шпанскиот закон во врска со оваа дефиниција. На 10 јули 2018 година судијата на Врховниот суд го суспендира како пратеник во парламентот на Каталонија. На 12 јули 2018 година германскиот суд одлучи дека може да биде екстрадиран во Шпанија за злоупотреба на јавни средства, но не и за посериозни обвиненија за бунт. По ова, на 19 јули 2018 година Шпанија ги отфрли европските налози за апсење на Пуџдемон и на други каталонски функционери што се во егзил.

gulen

Фетулах Ѓулен


Постоеше време кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се сметаше за вистински реформатор. Заедно со неговиот политички сојузник Фетулах Ѓулен успеа да ја обнови религијата во претходно секуларната турска политика. Во тоа време подемот на Ердоган беше пофален од Западот како политичко созревање на земјата.

Потоа Ердоган и Ѓулен имаа конфликт, поради што Ѓулен побегна во Пенсилванија, каде што јавно ја критикуваше владата на Ердоган од безбедно растојание. Ердоган со години бараше од Вашингтон да го екстрадира Ѓулен, а САД одбиваа. Во јули 2016 година дојде до неуспешен обид за државен удар, за кој Ердоган ги обвини Ѓулен и неговите поддржувачи. Одмаздничкото чистење на Ердоган вклучуваше апсење на повеќе од 50.000 луѓе и околу 150.000 отпуштања на државни службеници.

Џулијан Асанж


Асанж стана светски славен како шеф на „Викиликс“, веб-страница што ја основал во 2006 година. Во 2007 година веб-страницата ги објави американските процедури што се користеле во заливот Гвантанамо; во 2008 година ги објави е-пораките на Сара Палин од нејзината приватна сметка на „Јаху“, а во 2010 година „Викиликс“ објави повеќе од 90.000 доверливи документи поврзани со Авганистанската војна.

Во 2010 година Асанж беше обвинет за сексуален напад на две девојки волонтерки во „Викиликс“. Асанж им се предаде на лондонските власти, но поднесе жалба за екстрадиција во Шведска. По серијата жалби Велика Британија одлучи да го испочитува барањето за екстрадиција, дозволувајќи му на Асанж да избега во Амбасадата на Еквадор во Лондон во 2012 година. До ден-денес Асанж е во Амбасадата. Иако шведска ја повлече потерницата минатата година, американските обвинители размислуваат за сопствени обвиненија за изложувањето доверливи материјали.

Асанж доби азил од поранешниот претседател на Еквадор, Рафаел Кореа, кој со азилот буквално им се смееше на западните сили.

Рамуш Харадинај


Косовскиот премиер стана светски познат кон крајот на 90-тите години за време на конфликтот во Косово. Командантот на Ослободителната војска на Косово беше обвинет дека мачел и убивал Срби, но поради недостиг на докази, беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства од ОН во 2008 и 2012 година. Ова не беше доволно добро за Србија, која одбива да го признае Косово како независна нација и сака Харадинај да биде екстрадиран за да се соочи со правдата во нејзините судови.

Михаил Саакашвили

Михаил Саакашвили беше еден од лидерите на грузиската (ненасилна) „Револуција на розата“ во 2003 година. По револуцијата, тој беше претседател на Грузија од 2004 до 2013 година. Откако ја напушти функцијата со наводи за проневера и кршење на човековите права, Саакашвили избега во САД. Но, во 2015 година ја прифати понудата на украинскиот претседател Петро Порошенко да стане гувернер на украинскиот регион Одеса и да воведе реформи. Се откажа од грузиското државјанство за да стане државјанин на Украина.

До ноември 2016 година тој поднесе оставка од функцијата, одржувајќи лута прес-конференција на која го обвини Порошенко дека лично ги поддржува корупцијата во Украина и локалните банди во Одеса. Во јули минатата година Порошенко му го одзеде украинското државјанство, со што моментално Михаил е без никакво државјанство.

Никола Груевски


gruevski

Груевски е осуден на затворска казна од 2 години. Според пресудата, тој е виновен за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за примање награда за извршување противзаконито влијание. На 12 ноември беше издадена национална потерница за Никола Груевски поради тоа што не се јави на издржување на затворската казна од 2 години во затворот во Шутка за незаконската јавна набавка на блендираното возило „мерцедес“ додека ја вршеше функцијата премиер на државата. Потерницата е преиначена во меѓународна следниот ден откако Унгарија потврди дека Груевски се наоѓа во Будимпешта и дека побара политички азил во земјата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот