X
 03.10.2016 Живот

Швајцарците сакаат да го забранат турскиот ќебап


Турски ќебап


Во Швајцарија се појави онлајн иницијатива која повикува на забрана за конзумирањето турски ќебап на јавен простор.

Кампањата ја лансирал извесен Даниел Граф, кој рекол дека иницијативата претставува сатиричен коментар на одлуката на Швајцарија за забрана на носењето бурка во јавност, што беше одобрена од долниот дом на парламентот минатата среда.

Но, многумина во Турција не ја разбрале поентата на иницијативата. Минатиот понеделник, турскиот весник, The daily Sabah, објавил за „нелогичната кампања“ што се обидува да му ја намали вредноста на ќебапот.

Мехмет Качак, претседателот на здружението на ресторани во државата, за весникот изјавил дека очекува швајцарската влада да ѝ се спротивстави на кампањата. Според истата логика, рече дека Турција треба да ги забрани пицата и сите типови брза храна што немаат турско потекло.

Од друга страна, Граф објаснил дека поентата не му била навистина да се забрани ќебапот, туку преку кампањата да привлече внимание со сериозна конотација за забраната на бурката во Швајцарија, за што самиот сметал дека е „многу глупава идеја“. Тој смета дека во моментот е многу тешко да се има рационална дискусија во врска со забраната на бурката, бидејќи претставува „комплицирано“ прашање чии мотиви се затскриени од други нешта.

„Ако почнете дискусија за бурката, се наметнуваат прашањата за правата на жените, безбедноста, религијата и слични нешта, и во таа смисла не можете да составите потсмешлив аргумент, бидејќи зад тоа стои политичка стратегија“, рече тој, потенцирајќи дека стратегијата е да се дискриминираат муслиманите во Швајцарија.

„Зад стратегијата се наоѓаат луѓе што се десничари, расисти и имаат јасна цел. Се плашам дека тоа би можело да го дестабилизира нашето општество, како што се случува, на пример, во Франција. Во тој случај, зошто да не покренеме дебата од друг агол и да констатираме дека станува збор за ‘глупава идеја’.“


„Поради тоа, започнав иницијатива за забрана на ќебапот, бидејќи ако речете: ‘еј, ајде да почнеме да собираме потписи да се забрани ќебапот’, секој би рекол: ‘многу ви е глупава идејата, вие сте луди’. Тогаш би им одговориле: ‘да, можеби сте во право, но постои уште една исто толку глупава идеја, како на пример, забраната на бурките’.“

Ќебапот е многу популарен во Швајцарија, а наспроти тоа, бурките се реткост во земјите под Алпите.

Доколку идејата на Граф ја предизвика посакуваната дискусија, и ако тој успее да собери 100 илјади потписи, би можело да се спроведе национален референдум. Но, пред тоа, Граф има сериозна намера идејата да ѝ ја објасни на Турција.

„Потребни ни се турски мигранти во нашиот комитет. Сакаме да покажеме дека не сме десничарски комитет составен исклучиво од ‘бели мажјаци’.“


Минатата среда, долниот дом на швајцарскиот парламент речиси го прифати предлог-законот за забрана за носење бурка во јавност во Швајцарија.

Меѓутоа, прашањето останува отворено за дискусија и најверојатно ќе биде поставено на национален референдум, пред да се изработи законот.              
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот