X
 22.07.2020 Живот

Местење кревети за време на силни ветрови и преминување потоци со пијалаци в раце. Како е да се работи во хотелот на отворено во Швајцарија?

Кога првпат Карола Холденер го наместила креветот за гостите, ѝ бил потребен речиси еден час.

- Сега, потребни ми се 5 до 10 минути - вели таа.

Како и за сè друго, и за ова клучна е праксата. Чаршафите мора да имаат остри рабови, а перниците треба да бидат точно поставени.

Ова е првпат Холденер да работи во хотел, но нејзиното искуство е неконвенционално. Таа им служи на гости што спијат на отворено среде природа во Швајцарија.

Холденер е дел од вработените на „Зиро риал естејт“, хотелски бренд во Источна Швајцарија, кој создаде апартмани без ѕидови и тавани. Целта е гостите да уживаат во пејзажите на Швајцарија без пречки како што се ѕидовите и вратите.

На седум локации во Швајцарија - од лозја до прекрасни планини - гостите ќе најдат платформа, кревет, две странични масички и две ламби. Ноќевањето чини 275 евра, но искуството е далеку од нормално.

Секоја „соба“ доаѓа со модерен батлер кој обезбедува оброци, информации за регионот каде што се наоѓа „собата“ и одговара на потребите на гостите.

1

Холденер е еден од четирите батлери во „собите“ што се наоѓаат среде лозје кое се наоѓа во Тал, Швајцарија, на границата со Австрија. Во последните 11 години работела во семејната винарница и ова е првпат да работи во угостителскиот сектор.

Кога винарницата се согласила да биде една од дестинациите за хотелот на отворено, Холденер се понуди да помогне. Таа поминала обука за да научи како да ги поздравува гостите, како да мести кревети и други работи. Поради пандемијата, голем дел од обуката се одржувала виртуелно, но компанијата сепак сакала да одржи еднодневен, личен курс во текот на јуни.

Група модерни батлери, вклучувајќи и двајца колеги на Холденер, учеа како да местат кревети за време на силен ветер, се искачуваа на стрмни падини со пијалаци и храна во рацете и научија како брзо да ја покријат платформата кога врне дожд.

- Првиот пат кога имав гости беше и првпат кога го местев креветот. Беше лудо и смешно, потребен ми беше речиси еден час - раскажува таа.

1

2

Нејзината работа почнува со местење на креветот и чистење на платформата. Кога гостите ќе пристигнат, таа ги поздравува на самиот влез на лозјето и заедно треба да направат 400 чекори до апартманот, каде што ги чека чаша вино.

Кога Холденер не работи во хотелот, работи во винарницата и лозјето, помагајќи во одгледувањето и бербата на грозјето.

Даниел Чарбониер, соосновач на „Зиро ријал естејт“, вели дека брендот е фокусиран на работење со локалното население од регионот.

- Целта е да имаме некој од локалната заедница кој припаѓа на регионот и кој ќе донесе гордост во целото искуство. На крајот, важно е како се грижите за луѓето - вели Даниел.

3

Батлерите се таму за да се справат со секоја околност. Ако гостинот е гладен, батлерот е тука да помогне. Ако врне дожд, батлерот знае како да го заштити апартманот од оштетување и ги преместува гостите.

- Сакам да покажам дека она за кое нема да правиме компромис се услугите за нашите гости, дури и во најекстремното опкружување - вели Чарбониер.

Досега, омиленото нешто на Холденер беше утрото откако нејзините први гости ја поминале ноќта. Двојката имала среќа и искусила полна месечина.

Како што Холденер им го носела појадокот, се гледала задоволната насмевка на нивните лица.

- Ги погледнав и на лицата им видов чиста среќа - вели Холденер.

Извор: Insider.com
Фотографии: Instagram/Zero Real Estate
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот