X
 30.04.2018 Живот

ЕУ направи драматичен чекор за заштита на пчелите

Европската унија најави дека ќе ги забрани инсектицидите кои најмногу се користат во светот поради тоа што се штетни за пчелите. Забраната на неоникотиноидите ќе трае шест месеци, односно до крајот на годинава, а нивната употреба ќе биде дозволена само во затворени стаклени градини.

Забраната беше изгласана од страна на земјите-членки како дел од напорите за заштита на пчелите и другите инсекти кои помагаат во опрашувањето. Тие се витални за нашето преживување бидејќи опрашуваат три четвртини од растенијата во светот, вклучително и кафето и какаото.

Но, во последните неколку години бројот на овие инсекти почна драматично да опаѓа, па само во Германија исчезнаа до 75 отсто од летечките инсекти, нешто за што научниците велат дека е „еколошки армагедон“.


Фото: Pixabay

Иако се вмешани многу фактори, истражувањата покажаа дека пестицидите, а особено неоникотиноидите, играат голема улога во сето тоа. Неоникотиноидите, кои содржат хемикалии кои се слични на никотинот, можат да го оштетат мозокот на пчелите и да ги направат зависни. ЕУ веќе ги забрани неоникотиноидите за цветни култури во 2013 година. Но, еден извештај од февруари покажа дека на пчелите може да им наштети секаква надворешна употреба бидејќи пестицидите сѐ уште завршуваат во почвата и водата.

Новиот чекор ќе ја забрани надворешната употреба за да го запре загадувањето на средината.

Иако постојат загрижувања дека поради овој чекор може да се намалат приносите, има и голема поддршка за чекорот. Речиси пет милиони луѓе потпишаа петиција со која ја поддржаа забраната.

-Конечно нашите влади ги слушаат своите граѓани, научните докази и фармерите, кои знаат дека пчелите не можат да живеат со овие хемикалии и ние не можеме да живееме без пчели - истакна Антонија Статс од групата „Авааз“, која ја започна петицијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот