X
 21.02.2019 Живот

Жртва на свештеничка злоупотреба: Му пишував на папата, нудеше молитви, а не помош

Денис Бјуканан од Јамајка имала 17 години кога ја силувал ученик во семинарија, а продолжил да го прави тоа и кога станал свештеник. За тоа Католичката црква не ѝ понудила ништо освен спомени и молитви.

- Останав бремена и тој договори таен абортус - истакнува Бјуканан, на која и по 40 години сè уште ѝ се насолзуваат очите кога ќе помисли на тоа.

Таа денес има 57 години, професорка е на универзитет и водечка членка на нова меѓународна организација наречена „Крај за свештеничките злоупотреби“ (ЕЦА), која оваа недела во Рим ги собира жртвите за да изврши притисок врз папата Франциск да заземе построг став во однос на тој проблем.

Денис со години залудно се борела црквата официјално да ја признае како жртва, дури и му пишувала на папата, но свештеникот кој ја злоупотребил се спасил од казнен прогон.

Нејзината борба добро ја илустрира изолацијата што ја чувствуваат многу жртви чие постоење црквата и понатаму го игнорира, особено во посиромашните земји каде што има политичко и социјално влијание.

Денис живеела во Кингстон кога нејзината сестра, заедно со целата фамилија, ја запознала со идниот свештеник, братот Пол, студент по теологија.

- Братот Пол водеше долги разговори со мојот татко и мојата мајка го викаше и на вечера. Рече дека многу го привлекувам. Ми беше незгодно. Рече дека црквата има правила со кои не се согласува и дека работи како што мора за да ги исполни своите црковни должности - раскажува Денис.

Таа тврди дека тој одеднаш почнал да ја бакнува, а таа го оттргнала и побарала да ја одведе дома. Толку многу ѝ било срам, што одлучила да не им кажува на родителите. Се плашела од нивните реакции.

Во текот на следните недели свештеникот повеќе пати ја викал на неделна миса и во канцеларија.

Еден ден ја повикал во канцеларијата и ја однел во спалната соба каде што ја силувал, раскажува таа. Неколку дена подоцна повторно ја силувал откако ја опил со вино.

- Почувствував дека тој ден нешто во мене умре - вели Денис.

Неколку недели подоцна открила дека е бремена откако се онесвестила во продавница, па свештеникот ѝ договорил илегален абортус.

- Мислев само на тоа дека сум срам за мојата фамилија - вели таа.

Пол потоа станал свештеник, но најмалку еднаш неделно одел кај Денис во студентскиот дом во кој живеела.

- Рече дека ме сака и дека сум му девојка - раскажува таа.

Го прифатила бидејќи се чувствувала безвредно и осамено.

- Го слушав како робот. Тогаш не ми беше до ништо - вели таа.

Денис Бјуканан
Фото: NDTV

На 21 година повторно останала бремена и имала уште еден илегален абортус, а потоа веќе не можела да има деца.

Подоцна се преселила во Канада, а потоа во Лос Анџелес, каде што сега предава на универзитет и работи како невропсихијатар. Во Канада стапила и во брак, но по две години се развела.

- Ги немав расчистено бесот и стравот од односите со отецот Пол. Носев вина и срам цел живот и со децении се лекував од депресија - вели Денис.

Таа за тоа напишала и книга за да ја совлада душевната болка. Книгата „Гревовите на отците“ ја издала во 2013 година и година и пол секој месец испраќала по еден примерок до папата. Во 2016 година конечно добила писмо од надбискупот од Лос Анџелес, во кое било напишано дека папата редовно се моли за жртвите на злоупотреба и дека ќе се моли и за неа. Но, за смена на свештеникот за кој станувало збор, требало да има докази, истакнале оттаму.

- Бев бесна кога го добив писмото бидејќи ми се чинеше дека папата нуди само молитви, а не помош за да го решам проблемот - истакнува таа.

Во 2017 година се вратила со адвокат на Јамајка на состанок со локалниот надбискуп и отецот Пол.

Свештеникот на состанокот признал дека имал односи со неа, но не дека ја силувал, и дека останала бремена од него, а не признал дека ѝ договорил абортус. Денис стравува дека свештеникот сексуално злоупотребил и други жртви. Таа раскажува дека тој бил проблематичен и постојано го преместувале. По состанокот Пол исчезнал и се чини дека никој не знае каде се наоѓа.

- Сега работам за ЕЦА, за она што ми се случи да не му се случи на ниедно друго дете - вели Денис.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот