Додека се возите во авион најмногу турбуленции ќе почувствувате доколку седите кај опашката на авионот. Патниците кои сакаат да го намалат непријатното искуство со турбуленциите во авионот би требало да резервираат карти во средината, велат експертите.
“Дами и господа, ве молиме врзете ги појасите“ е реченица која кај некои патници предизвикува нервоза. Турбуленциите во авионот не се пријатни, особено не за оние кои се плашат од летање или имаат чувствителен желудник. Но, авионот не вибрира на секој дел подеднакво.Па каде е најдобро да се седи за најмалку да се почувствуваат турбуленциите?
“Всушност најмалку движење се чувствува во средината“ објаснува професорот Андреас Строумаер од Институтот за аеродинамика од Штудгард. Авионот најмалку се ниша на местата каде што се крилата споени со трупот, па патниците сместени во близина на средината најмалку го имаат ова непријатно чувство, додека пак најмногу се чувствува на опашката на авионот.
Кога пилотот управува со вертикален стабилизатор, патникот на самиот крај може да има чувство дека се поместува, особено заради надворешниот оклоп на авионот кој е помалку еластичен. Чувството се зголемува при турбуленции. „Кога авионот ќе го подигне носот, тие што се на крајот имаат чувство дека паѓаат во дупка“ вели Строумаер.
Останува уште едно прашање – кога седите на средината на авионот дали е подобро да се биде блиску до прозорот или на другиот крај од седиштата?
Седењето до прозор го зголемува чувството на “дигање“ и “спуштање“ вели Строумаер. Но, кај луѓето кои се плашат од летање подобро е да седат до прозорот како би имале можност да го гледаат хоризонтот, што може да ја намали мачнината, затоа што очите се фокусираат на далечни точки.
Сепак, заклучокот е дека седењето во средина на авионот е најдобро решение за летање.