X
 12.01.2022 Живот

Критики кон Леонардо ди Каприо: Борец за заштита на животната средина, а се вози на јахта што загадува

Леонардо ди Каприо стана еден од оние малкуте борци за заштита на животната средина кои ја користат секоја ситуација за да зборуваат во јавноста за горливите проблеми на планетата.

И во основа така и треба да биде, бидејќи проблемите се навистина големи, а познатите личности имаат многу поголеми шанси да допрат до повеќе луѓе. Но, кога ќе се изгаснат камерите, и Леонардо ди Каприо е грешен како и остатокот од светот кој не се грижи за природата.

Како амбасадор на ОН, тој го нарече глобалниот еколошки проблем најитна закана со која се соочува целиот наш вид. Но, додека ги повикува обожавателите да преземат акција, слободното време го поминува на една од најголемите и еколошки најлоши суперјахти во светот. Бродот наречен „Вава II“, кој дури има и хелиодром на врвот на неговите шест палуби - произведува јаглероден диоксид при едно подолго патување колку што просечниот автомобил испушта за една година.

Ди Каприо неодамна го гледавме во сатирата „Не гледај нагоре“, со која веројатно заработи уште неколку поени во борбата против климатските промени, а потоа беше фотографиран на јахта во сопственост на швајцарскиот фармацевтски милијардер Ернест Бертарели. На таа јахта Леонардо ја пречекал и Нова година, во друштво на својата девојка, француската актерка Камила Мороне, но и во друштво на Џеф Безос, Мајк Тајсон и Дуа Липа. Само едно дополнување на резервоарот на оваа јахта чини 250.000 фунти.

Во одбрана на Ди Каприо и неговите богати пријатели е тоа што иако „Вава II“ произведува 238 кг јаглероден диоксид на милја, речиси колку што просечниот автомобил испушта за два месеца, оваа јахта кога е закотвена не се движи по неколку недели, така што не станува збор за постојано загадување, како што би очекувале по ваква застрашувачка статистика.

Сепак, оваа ситуација беше доволна да ја наруши репутацијата на Ди Каприо како ековоин.

Кога сме кај филмот „Не гледај нагоре“, кој ја подели публиката, која или го обожава или не може да го поднесе, филмот ќе остане познат по една сосема друга работа, а се однесува на шегите со приватниот живот и возраста на Леонардо ди Каприо. Имено, во филмот неговата сопруга ја игра Мелани Лински, која е само три години помлада од него и имаат пораснати синови од околу дваесет години. Тоа е навистина исклучок и можеби најчудно во целиот филм затоа што сме навикнати Лео, и во филмовите и во неговиот приватен живот, да има многу помлади девојки, додека потенцијалните филмски деца едвај би стигнале до прво одделение. Поради тоа, и покрај заплетот со астероидот што оди кон Земјата и никој не е исплашен премногу поради тоа, луѓето сепак избраа најмногу да коментираат за постарата сопруга и децата на ликот на Ди Каприо.

Извор: Noizz.rs
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот