X
 23.10.2016 Живот

Кловновска хистерија ја зафати Европа - дали има место за паника?

Европа е загриженa од појавата на кловнови кои ги плашат, па дури и ги напаѓаат луѓето. Првите вакви случаи се забележани во САД...


Страшни кловнови 1


Ги плашат децата, но и постарите, а забележани се и напади со нож. Кловнови со страшни маски се некој чуден и спорен „тренд“ кој од САД се прошири и во Европа. Во Германија, во четвртокот, повторно е забележан случај на кловновски напад врз граѓани. Двајца кловнови во Гелзенкирхен нападнаа 33-годишен маж, и притоа со нож му нанеле повреди на раката, извести полицијата во покраината Северна Рајна - Вестфалија. Претходно, во понеделникот, во истиот град е забележен ист таков напад на „страшен кловн“, како што почнаа да ги нарекуваат медиумите. Имено, едно 14-годишно девојче се повредило бегајќи од кловн кој бил вооружен со бејзбол палка. Во баварскиот град Геселхеринг, во средата кловнови преплашиле деца на една автобуска постојка, па полицијата после тоа издаде предупредување за опасноста од кловнови со палки, но посочи дека се појавуваат и невкусни шеги од страна на поединци кои ги имитираат кловновите.

Во Шведска е забележен случај во кој еден од тие „страшни кловнови“ со нож нападнал тинејџери, при што едниот полесно го повредил во рамото. Медиумите шпекулираат дека се работи за „лоши шеги“ или станува збор за сериозна опасност по безбедноста на граѓаните. Во Словенија, како што известуваат медиумите, еден таков кловн ги заплашувал граѓаните во Јесенице. Јутарњи лист пренесува дека такви случаи имало и во Хрватска, кога непознати маскирани лица во Осиек преплашиле момчиња од 13 и 14 години. Наводно, такви случаи имало и во Слуњ и Бјеловар.

Ваквите „лоши шеги“ започнаа во САД. Таму тој феномен од поодамна е познат како „Clown Pranks“ или во слободен превод „кловновски шеги“. Веќе две години непознати лица со страшни маски на лицето преплашуваат луѓе на јавни места, најчесто во помали улички или пред гробишта. Ненадејните напади  честопати се снимаат, а снимките завршуваат на интернет. Некои снимки се монтираат за да потсетуваат на хорор-филмови. Никој досега не успеал да открие за што всушност се работи и кој стои зад тоа.
Според наодите на американските медиуми, продажбата на кловновски костими  пораснала за околу 300 проценти. Стравот во САД  особено расте деновиве, во пресрет на еден од најголемите нивни празници – Halloween или Ноќ на вештерките. Полицијата во градот Росел Парк дури ги замоли родителите да не ги облекуваат своите деца во кловновски костими годинава. На стравот од кловновите реагираа и од синџирот ресторани за брза храна  Мекдоналдс, кои ја повлекоа од јавност својата маскота – кловнот Роналд Мекдоналдс.

На интернет се појави и куриозен повик до Бетмен со барање да ги ослободи граѓаните од стравот и да го фати Џокерот, познатиот злосторник од стриповите и филмовите за Бетмен, чие лице е нашминкано како кловн, односно е приказ на џокерот од картите за играње. Исто така се појавија и теории според кои  нападите од кловновите би можеле да бидат пропагандна стратегија за најава на новата верзија на филмот It, базиран на истоимениот роман од Стивен Кинг, каде главниот лик е „кловн убиец“. И самиот Кинг даде одговор на ваквите теории на Твитер: „Време е оваа кловновска хистерија да се спушти на земја – повеќето кловнови се добри, ги развеселуваат децата и ги расположуваат луѓето.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот