X
 30.10.2016 Здравје

Колку децата би требало да бидат изложени на екраните од уредите?


Американската педијатриска академија ја спуштила дозволената граница на 18 месеци за изложеноста на децата на екраните од дигиталните уреди.


Децата пред екраните


Најсигурниот и најлесен начин родителите да си ги „купат“ мирот и тишината дома е да им ги „пикнат“ в раце таблетот или мобилниот телефон на своите деца или да им пуштат некоја емисија/цртан филм на телевизорот.

Американската педијатриска академија направила нови упатства во врска со времето што би требало да го поминуваат децата пред екраните на уредите.

За разлика од досегашните препораки според кои децата помали од две години не би требало воопшто да бидат изложени на екраните, сега педијатрите ја спуштија границата на 18 месеци. Светлината и звуците би можеле да ги вознемират бебињата, па поради тоа не се препорачува ни мајката да гледа телевизија додека го храни бебето, иако тоа не е директно изложено на екранот.

На малите деца на возраст од година и пол-две години, родителите можат да им даваат дигитални уреди, но исклучиво под нивен надзор, а патем би било добро доколку им помагаат во разбирањето и учењето нови зборови. Децата во тој период може да бидат вклучени во видео-разговори со отсутните членови на семејството, бидејќи и на таков начин се градат односите меѓу нив.

За децата на возраст од две до пет години, времето поминато пред екраните треба да им биде ограничено на еден час во текот на денот (претходната препорака беше најмногу два часа дневно), и треба да им се прикажуваат едукативни содржини без реклами.

На децата постари од шест години, родителите сами им поставуваат граници и одлучуваат за содржините и временската изложеност пред екраните.

Просечниот ден кај здравите деца од оваа возраст опфаќа одење на училиште, работа на домашните задачи, најмалку еден час физичка активност, социјални контакти и осум до 12 часа спиење, велат педијатрите. Секое слободно време во ваквиот распоред може да биде искористено за забава, па и за разонода пред екраните.

Децата на оваа возраст повеќе го користат тоа, отколку помалите од нив. Интернетот и социјалните мрежи би можеле да ги поттикнат да развиваат нови идеи, да им го олеснат одржувањето пријателства на далечина, да им помогнат да воспостават подобри односи со врсниците од училиште или да пронајдат пријатели кои поради болест или физички недостаток не одат на училиште. 

Од друга страна, прекумерното седење пред екраните го зголемува ризикот од дебелеење и штетноста по нормалниот сон, не само кај децата туку и кај возрасните.

Поради тоа, педијатрите препорачуваат телевизорите, компјутерите и мобилните уреди да се отстранат од спалните соби и да не се користат најмалку саат време пред спиење, но и за време на оброците и играњето, што важи исто и за родителите. Меѓутоа, на едно од најчестите прашања на родителите – кога е вистинското време детето да добие мобилен телефон – лекарите не дадоа одговор.

Препораките се засноваат на бројни студии за влијанието на телевизијата и компјутерите врз емоционалното и физичкото здравје на децата и истражувањата за тоа дали децата навистина учат од телевизиските програми и мобилните апликации.

Препораки на лекарите за паметно користење на уредите:

До 18 месеци – без екрани!
Од една и пол до две години – видео-разговори со отсутните членови на семејството.
Од две до пет години – најмногу еден час дневно едукативни програми без реклами.
Постари од шест години – дел од слободното време во договор со родителите.
Без екрани еден час пред спиење, за време на оброците и играњето.
Родителите треба да ги контролираат содржините што ги гледаат децата!

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје