X
 02.11.2016 Култура

Брилијантниот ум на математичкиот гениј Сриниваса Рамануџан

Светот неодамна повторно доби можност да се потсети на ликот и делото на познатиот индиски математичар, Сриниваса Рамануџан, со објавувањето на биографскиот филм со наслов „The man who knew infinity “. Тој и денес претставува инспирација за голем број  математичари, а неговиот труд сè уште мотивира многу истражувачи. Велат дека бил инспирација за ликот на Вил Хантинг во филмот „Добриот Вил Хантинг“.      

Сриниваса Рамануџан

Овие се десетте работи што секој би требало да ги знае за него:

1.    Роден е во  1887 година  во градот Ирод, во државата Тамил Наду, Индија. Неговиот татко бил службеник, а мајката домаќинка која пеела во локалниот храм.

2.    Неговата куќа во Кумбаконам, каде семејството се преселило по неговото раѓање, денес е музеј познат како Меѓународен меморијален центар на Сриниваса Рамануџан.

Спомен-куќа

3.    Се оженил во 1909 година за деветгодишната Јанаки Амал.

4.    Иако е познат  како еден од најголемите математичари на своето време, немал формално математичко образование – бил самоук.  Неговите математички откритија се засновале на чиста интуиција, но најголем број од нив, подоцна биле научно признати.

5.    Во 1918 година, на своја триесетиедногодишна возраст, бил избран за член на Кралското друштво, каде членуваат некои од најеминентните научници во светот.

Рамануцан во друштво на други научници и математичари

6.    Ја  обожувал семејната божица Махалакшми, и сметал дека неговите способности се нејзина заслуга. Еднаш изјавил: „Равенството за мене нема значење доколку не ја изразува божјата мисла.“

7.    Составил 3900 резултати (главно равенства) пред да го загуби животот на триесетидвегодишна возраст. Бескрајните низи на бројот Пи се едни од неговите најславни откритија.

8.    Постои уште еден музеј посветен на животот на Рамануџан во градот Ченај, каде можат да се најдат голем број фотографии, писма и други реликвии. Колекцијата е резултат на децениските напори на П.К. Сринивасан, познат индиски професор по математика. Поголемиот дел од материјалите ги пронашол во 1993 година, во голем дрвен ковчег на таванот во куќата каде што живеел Рамануџан.

9.    Во Индија, датумот на неговото раѓање, 22 декември, се прославува како Национален ден на математиката.

Споменик на Рамануџан

10.    Според записите, Рамануџан имал навика да ги забележува своите идеи во тетратки, со зелено мастило. Една од нив, позната како „изгубената тетратка“ била пронајдена во Тринити колеџот во 1976 година од страна на математичарот Џорџ Ендрјуз, а подоцна била публикувана како книга.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура