X
 25.09.2017 Живот

Сте чуле ли за ексцентричниот математичар Пол Ердос?

„Vegre nem butulok tovabb“ (Конечно не станувам поглупав). Ова е епитафот што Пол Ердос го напишал за самиот себе. Тој бил брилијантен математичар. Повторно редефинирал што значи да се биде неконвенционален и опседнат со математиката.

фото извор: WXXI.org

Роден е на 26 март 1913 година во Будимпешта, Унгарија. Можел да множи трицифрени броеви и да ја развива идејата за негативни броеви уште кога имал 3 години. На 17 години се запишал на Универзитетот „Петер Пазмани“ во Будимпешта, а таму добил и докторска титула за математика, за само 4 години. Имал само 19 години кога го објавил својот прв научен труд – нов доказ за претпоставката на Бертранд.

Има напишано околу 1.500 математички трудови, рекорд кој уште не е срушен. Соработувал со многу други автори и го создал бројот Ердос, бројот на чекори помеѓу математичарот и Ердос во насока на коавторства.

Во својата кариера се насочувал кон нерешени проблеми и откривал нови, во областа на графичката теорија, бројната теорија, математичката анализа, веројатноста и друго. Во „Тајм“ го нарекле чудното чудо.

Немал лесно детство. Неговите сестри починале кога се родил, татко му бил 6 години во заробеништво во текот на Втората светска војна. Кога заминал да студира математика во различни институти, Евреинот Ердос никогаш повторно ја немал можноста да се обедини со своето семејство во Унгарија. Добил стипендија за „Принстон“, одел една година, а универзитетот одбил да му ја обнови стипендијата за уште една дополнителна година. Тогаш го започнал својот номадски живот. Им се појавувал на прагот од домот на своите колеги за да ги исполни рекордните 19 часа математичка работа сè додека на колегите не им било доста. Тој зависел од нив за храна и засолниште. Никогаш немал соодветна позиција како наставник и 60 години живеел со полупразен куфер и без дом.

Користел многу карактеристичен речник за изразување. На пример, „тривијални суштества“ за него биле оние што не биле математичари, „шефови“ ги нарекувал жените, „робови“ мажите, „ипсилони“ децата. Велел дека луѓето „пристигаат“ кога мислел на раѓање, дека „умираат“ кога престануваат да решаваат математички проблеми, „заминуваат“ кога навистина умираат. За своето предавање велел дека „проповеда“, а кога бил подготвен за математика, велел дека „неговиот ум е отворен“. За Бог го имал епитетот „Врховен фашист“.

Негова цел во животот била математиката. Омилена реченица му била: „Секоја човечка активност, добра или лоша, мора да заврши, освен математиката“. Починал на 20 септември 1996 година во Варшава, правејќи го она што го сакал до самиот крај. Починал од срцев удар на 83 години додека присуствувал на математичка конференција.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот