Низ целиот свет постојат многу бајки за девојчето и големиот лош волк, но приказната е најзастапена во европските држави, во кои е вклучен и ликот на „Лажната баба“.
Првите верзии на бајката датираат од 17 век.
Најпознатите варијации на темата се напишани од Итало Калвино во „Италијански народни приказни“, и секако тие што ги напишале Браќата Грим и Шарл Перо.
Оваа бајка е под бројот 333 во системот за класифицирање на бајките на Арне-Томпсон. Според овој систем, приказната за девојчето со црвено капче е најпозната по насловите: Little Red riding hood, Little red ridinghood, Little red cap или накратко Red riding hood.
Постојат бројни анализи посветени на оваа бајка.
На пример, американската феминистка, новинарка и активистка, Сузан Браунмилер, на приказната ѝ дава сексуална конотација, каде вели дека се опишува силување.
Но, други луѓе ја интерпретираат како оспособување на Црвенкапа и нејзината баба сами да се одбранат од големиот лош волк.
Кога станува збор за најраните верзии на бајката, тие прилично се разликуваат од приказната што ја знаеме денес, така што човек просто да се чуди како и зошто се креирале вакви приказни. Понекогаш, наместо волк, главниот антагонист во приказните бил чудовиште или врколак.
Независно од појавата, негативецот секогаш ги остава крвта и месото од бабата за да ги изеде девојчето.
Но, постои еден непознат детаљ што не постои во поновите варијанти, а тоа е несвесниот канибализам на внуката, која ги јаде остатоците од својата баба.
Друг, пак, е барање на волкот девојчето да ги соблече алиштата и да ги фрли во огнот.
Во некои од првите приказни за Црвенкапа, девојчето легнува во кревет со волкот, но успева да се спаси со тоа што на „баба си“ ѝ вели дека мора да стане, за да изврши голема нужда и на тој начин му бега на волкот.
Во други, пак, таа успева да избега користејќи ја својата итрина, а многу ретко се случувало во приказната да не постои ликот на Црвенкапа.
Дури постои и верзија во која волкот го јаде девојчето и тука завршува приказната.
После долги научни и фолклористички истражувања, во 2013 година било откриено дека приказната потекнува од Блискиот Исток и дека датира од првиот век.
Научниците ги анализирале дејствијата и карактерите од 58 верзии од приказната од различни подрачја. Со помош на компјутерски модел, тие утврдиле на кој начин се поврзани различните верзии на
Црвенкапа.