X
 29.09.2016 Наука

Крајот на една вселенска бајка


Пред многу години, двајца  вселенски авантуристи ја напуштија Земјата, упатувајќи се кон една далечна, многу далечна, неистражена комета...


Розета и Фили

Така започнува модерната бајка за европскиот трагач по комети (Розета) и неговата роботска сонда (Фили), шарматни кутии од челик, со глобална поддршка од бројни обожаватели кои многу скоро ќе мораат да се соочат со моментот на разделба од своите миленици.

„Мислам дека ќе има многу солзи“, рече вишиот советник во Европската вселенска агенција (ЕСА), Марк Мек Кријан.

Розета во петок, после две години поминати  во орбитата на кометата 67П/Чурјумов -Герасименко, на стотици милиони километри подалеку од дома, ќе ја заврши својата историска мисија, кога се очекува да се сруши на кометата.

Останувајќи без сила, Розета ќе му се придружи на својот другар Фили, роботот кој претходно згасна, во вечен престој во новиот, вонземски свет.


Умираат ли ликовите од бајките?

Вонредните постигнувања ги претворија Розета и Фили во ретки научни славни „личности“.
И двајцата имаат свои твитер профили, се продаваат маички  и играчки со нивните ликови.
Снимени се и анимирани филмови во кои тие имаат човечки облици, очи, уста, раце и нозе. Имаат и свои емотикони.

А сега, луѓето кои од нив направија ѕвезди, пред себе имаат тешка задача.

„На некој ладнокрвен начин ќе мораме на фановите да им кажеме  дека сега навистина е крај“, вели Мек Кријан, кој беше директно вклучен во креирањето на нивниот јавен имиџ. „Во ред. Ги креиравме тие симпатични ликови, но и тоа има свои граници, свој крај.“


Заспаниот Фили

Бајката започна во јануари 2014,  кога Розета се „разбуди“ по тригодишната хибернација, наменета за штедење на енергијата  на десетгодишниот лет до кометата 67П. Како вистинска заспана убавица во вселенските длабочини.

ЕСА тогаш го објави првиот анимиран филм наречен „Некогаш оддамна“.

„Се сетивме на бајката во која принцезата се буди и не се надевавме на толку голем одек.“

Се појавија и нови филмови што го следеја патувањето на Розета и Фили, како ѝ скока врз главата, постојано прашувајќи ја: „Стигнавме ли? Стигнавме ли?“

Заплетот започна во ноември 2014 година, кога Розета го спушти Фили на површината на кометата.  Анимацијата го прикажуваше роботот како навлекува чизми, ја мести капата на главата, подготвува сендвич и става компас во ранецот и ѝ мавта на Розета додека храбро заминува во вселената.
Но, работите не тргнаа според планот.

Фили не слета добро. Апаратот со големина на машина за перење алишта, неколкупати отскокна од тлото, за на крајот да се приземји во сенка спротивно од Сонцето, кое му беше неопходно за да му ги полни батериите. Следните 60 часа испраќаше податоци до Розета додека сè уште имаше енергија, за на крајот да се изгасне.

Во цртаниот филм на ЕСА, Фили се покрива со ќебенце и заспива во подножјето на една карпа која претходно ја украси со постери.  „Не сакавме да го убиеме. Тој едноставно заспа“, објаснува Мек Кријан.
Тогаш сè уште постоеше дилема дали Фили ќе може да се „разбуди“ кога кометата ќе се приближи кон Сонцето. И тоа се случи, неколкупати. Но, штом во петок Розета ќе ја допре површината на кометата, на мисијата неповратно ѝ доаѓа крајот.


Пат долг десетина години

Сè започна во 1993 година,  кога била одобрена првата мисија во историјата за истражување комети, вредна 1,4 милијарди долари. Беа вклучени 14 европски земји и САД.

Розета и Фили се лансирани во 2004 година од Француска Гвајана. Целта на мисијата беше, ни повеќе ни помалку, туку истражување на потеклото на животот преку анализа на прашината од кометата 67П,  временска капсула  од времето на настанокот на сончевиот систем.

За десет години  тие поминаа 6 милијарди километри за да стигнат до 67П.  По патот се користеле со гравитациите на Земјата и на Марс.

Розета во двете години додека кружеше околу кометата,  ја фотографираше од сите агли.  Фили од површината на кометата праќаше примероци  од тлото и елементите, кои преку Розета беа анализирани во центарот на мисијата во Дармштад.  Научниците утврдија дека на 67П дефинитивно нема вода, но неспорно се пронајдени траги на кислород.  Податоците добиени од Розета и Фили имаат драгоцена вредност.


„Game over“

Од одделот за односи со јавност во ЕСА сметаа дека мисијата мора да се доближи до јавноста.  Антропоморфизацијата беше нивниот избор, со двајца протагонисти кои комуницираат и соработуваат на повеќегодишна одисеја во неистражени подрачја. Успехот на ваквиот приод беше изненадувачки за многумина.

Фили, на пример, има 450.000 следбеници на твитер. Психологот Димитриос Циврикос од лондонскиот универзитет, смета дека ПР кампањата  беше успешна затоа што „беше игрива, прифатлива и им овозможи на луѓето да разберат што се случува без делење на научни лекции“.

Тој, сепак, не очекува масовно жалење : „На крајот од секоја видеоигра стои фантастичната реченица - Game over. Се навикнавме на тоа дека ликовите на крај умираат“.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука