Дали некогаш сте се прашале што би се случило со
Едип доколку гатачката од Делфи му речеше дека ќе се заљуби во својата сестра, наместо во мајка си? Дали со тоа би се променил текот на историјата? И каде Фројд би ја нашол инспирацијата за теоријата за Едиповиот комплекс? Тука се поставува прашањето: во колкава мера идеите што се презентираат како „пророштва“ или како судбина, всушност, се влијателни?
Иако денес постојат јасни научни методи што ќе го убедат секој скептик дека речиси е невозможно да се дознае иднината, треба да се прашаме што се случувало во времињата кога науката не била развиена како денес.
На пример, во Стара Грција, пророците имале голема улога. Да се вратиме во Теба. Наследникот на познатата династија, кралот Лај, се оженил со убавата Јокаста со која долго време немале деца. За да дознае дали ќе доживее да биде родител, Лај ѝ се обраќа на една пророчица. Тоа што му го кажала, целосно го обесхрабрило – дека ќе добие машко дете, што ќе му донесе големи неволји. Неговиот син ќе биде и негов убиец, по што ќе се ожени со сопствената мајка.
Пророштвото многу го загрижило Лај и тој почнал да ја избегнува жена си. Но, нејзината нескротлива желба за потомство ја „натерала“ да го опијани својот маж за да поминат една заедничка интимна ноќ. После тоа, Јокаста останала трудна. Кога се родило детето, Лај му ги дупнал петите и наредил да го убијат. Меѓутоа, слугата се сожалил и наместо да го фрли во шумата да го изедат ѕверовите, тој го дал на друго семејство.
Детето го крстиле Едип. Иако пораснал во храбар и мудар човек, неговото потекло останало неразјаснето, поради што Едип отишол во Делфи да го открие одговорот. Кога разбрал дека нему му е предодредено да го убие својот татко и да ја ожени мајка си, Едип одлучил да стане скитник низ светот, верувајќи дека ќе успее да ја избегне судбината. Но, во една ситуација наишол на група луѓе за кои мислел дека се разбојници, и убил еден од нив. Убиениот бил неговиот татко Лај.
Скитајќи, стигнал во Теба. Тогаш градот се соочувал со страшна мака – бил запоседнат од чудовиштето Сфинга кое ги предизвикувало жителите на своите смртоносни загатки. Кој не ќе ја решел загатката, бил убиван. Наградата за тој што ќе успеел, била раката на кралицата Јокаста. Едип ја одгатнал загатката на Сфингата и го добил тебанскиот престол, станувајќи маж на сопствената мајка.
Во овој мит, на повеќе места може да се види влијанието што нашите верувања за идните случувања го имаат врз нашето однесување и нашите мисли. Во психологијата, овој феномен се нарекува
сугестибилно пророштво.
Мислите и верувањата што ги имаме можат да доведат другите луѓе да се однесуваат согласно на нив. Сугестибилното пророштво е многу интересен феномен што може многу да влијае во секојдневниот живот, доколку не сме запознати со него. Ако имате навика да читате хороскоп и ако ви пишува дека ве очекува лош ден, пред да се обесхрабрите, сетете се колку силно влијание имаат вашите очекувања.