X
 05.12.2021 Живот

Совети од психолози како да излезете од периодот на апатија

Сите имаме периоди на апатија и анксиозност, а обично оваа состојба поминува сама од себе. Меѓутоа, доколку чувството на неудобност, нервоза или тага редовно се враќа или не поминува подолг период, тогаш тоа може да се одрази и врз работата и врз односите со најблиските.

Најдобар совет е во овој случај да се обратите на психолог или психијатар, пишува „Еклиника“. Но постојат и начини на кои може самите да си помогнете.

Разговор со пријател

Разговорот со некој што ви е битен може да ви помогне да чувствувате дека не сте сами, имате поддршка и разбирање. Ваквите разговори го намалуваат стресот и го подобруваат расположението, а според истражувања, тие може и да го зајакнат имунолошкиот систем и се добри за срцето.

Изедете малку црно чоколадо

Флаваноидите се супстанции кои добро влијаат врз здравјето, а најмногу ги има во овошјето и во зеленчукот. Црното чоколадо, односно какаото, содржи многу флаваноиди кои може да ја подобрат циркулацијата на крвта во мозокот и да ви помогнат да размислувате подобро.


Фото: Pixabay

Слушајте музика

Музиката може да влијае врз нашиот мозок на ист начин како чоколадото или сексот. Кога пееме, нашиот мозок произведува природни лекови против болки кои може да го подобрат расположението.

Смејте се

Смеата помага за ублажување на напнатоста во мускулите и е добра за срцето и белите дробови. Смеата, исто така, поттикнува лачење на хемикалии кои му помагаат на телото да се избори со болка и инфекција.

Направете добро дело

Кога приредувате нешто убаво или му помагате некому, вашето тело создава ендорфини, кои се природни лекови против болка.

Прегрнете го домашниот миленик

Само близината на домашниот миленик може да направи да се чувствувате добро. Телото ослободува хормон кој го подигнува расположението и ве поврзува со другите живи суштества.


Фото: Pixabay

Пијте доволно вода

Чувството на умор и нервоза може да биде знак дека на телото му недостига вода. Недостигот на вода влијае и врз менталната острина.

Излезете надвор

Прошетката може да го подобри расположението, но и крвниот притисок и работата на срцето и да ја намали напнатоста во мускулите и нивото на стрес. Во канцеларија, растенијата или сликите од природа може да направат да се чувствувате помалку вознемирени и раздразливи.

Вежбајте

Не мора да вежбате редовно и многу бидејќи дури и кратката прошетка може да го подобри расположението. Важно е да бидете опуштени и да уживате. Истражувањата покажале дека луѓето што често одат на прошетки или вежбаат подобро се соочуваат со стресот.

Јадете редовно и хранете се здраво

Чувството на глад може само да ја зголеми нервозата. Погрижете се да јадете редовно и здраво за да имате енергија цел ден. Брзата храна нуди само моментално чувство на ситост и задоволство.

Водете љубов

Сексот го зајакнува здравјето на срцето и мозокот и го намалува стресот, особено ако сте во стабилна врска.


Фото: Pixabay

Медитирајте

Концентрирајте се на дишењето и обидете се да го ослободите умот од мислите. Медитацијата може да ве смири и да ви го подобри расположението, особено ако ви стане дневна рутина.

Спијте доволно

Спиењето може да ја намали анксиозноста и да ги подобри расположението и фокусот. Обидете се да спиете 7-9 часа секој ден. Обидете се и да заспивате и да станувате во исто време секој ден.

Одете на мал одмор

Доколку и покрај сè не може да пронајдете мир, патувајте. Тоа може да биде кратко патување кое ќе ви го промени секојдневието и ќе ви помогне да се ослободите од стресот.

Извор: Eklinika
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот